Полициски контроли и високи казни за безбедност на улиците

Во пресрет на собраниската расправа за законски измени коишто ќе ја зголемат безбедноста во сообраќајот, партиите во Северна Македонија подготвуваат предлози коишто ќе ги изнесат пред пратениците. СДСМ обелодени дека веќе имаат неколку предлог законски решенија. Тие ќе побараат заострување на казните за тешките дела во сообраќајот и поставување полицаец пред и во училиштата во текот на наставата, како и одземање на возилата при сериозни прекршоци во сообраќајот.

Ваквите предлози следат по трагедијата на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, каде минатата недела животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова. Обвинителството информираше дека сообраќајната несреќа била предизвикана со умисла и ќе се бара најстрога казна за 20-годишниот возач, кој според досегашните информации, возел без дозвола, под дејство на алкохол и со голема брзина.

Се бара заострување на казните
СДСМ во 2021 година додека беше на власт ги намали казните за безбедност во сообраќајот. Но, лидерот на партијата,Венко Филипче смета дека последниот немил настан треба да биде поттик за подобрување на системот.

„Добро што ќе има јавна расправа во Собранието. Имаме два конкретни предлози како партија – да има присутен полицаец пред и во секое училиште за време на одвивање на наставата, кој би се грижел за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини и секако за безбедноста на училиштето. Вториот предлог ќе биде сериозно заострување на казните за најтешките прекршоци во сообраќајот, кои што дури ќе вклучуваат и одземање на возилото по примерот на некои европски земји“, изјави лидерот на опозициската СДСМ.

Во Собранието в петок ќе се одржи јавна расправа за законски измени за зајакнување на безбедноста во сообраќајот. Пратеничките групи на ВМРО – ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ го поднесоа барањето за одржување јавна расправа со цел анализи и утврдување потреба од изменување на законските прописи за зголемување на безбедноста на граѓаните во сообраќајот.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески порача дека безбедноста на граѓаните мора на сите да им биде приоритет, а тоа значи промени во законите кои ќе обезбедат заштита, превенција и и ефикасни институционални реакции.

„Време е за сериозни чекори и системски решенија. Безбедноста на граѓаните мора да ни биде приоритет на сите, а тоа значи промени во законите кои ќе обезбедат заштита, превенција и и ефикасни институционални реакции. Порачуваме и повикуваме до сите дека намерата за стручна и експертска дебата е приоритет и како владејачко мнозинство нема да дозволиме политизација на оваа тема. Ги повикувам сите пратеници без разлика дали се од власт или опозиција, да ја поддржаат оваа иницијатива и да застанеме зад неа еднаш сите заедно за изнаоѓање на системски решенија и решавање на проблемите со кои се соочуваме“, рече Мицески.

 

 

DW