Вчера казнети 29 возачи без дозвола, 4 пијани и 79 кои брзо возеле

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вечерва, ги посети полициските службеници кои учествуваат во засилените сообраќајни акциски контроли на булеварите во главниот град.

Како што стои во објавата на неговиот Фејсбук профил, сообраќајните акциски контроли се фокусирани на булеварите, бидејќи тие се црните точки каде најчесто се случуваат сообраќајните несреќи и се одземаат човечки животи.

– Упатувам апел до сите учесници во сообраќајот, особено до возачите, да бидат внимателни, да ги почитуваат доследно сообраќајните правила, да не управуваат возила надвор од дозволената брзина, да не поминуваат на црвено, да не забрзуваат на жолто, да не управуваат возила под дејство на алкохол, бидејќи највредното нешто што го имаме во државата се луѓето, односно човечкиот живот, стои во објавата.

Статистички, додава Тошковски, најголем број сообраќајни прекршоци се со возење со брзина поголема од дозволената. Вели само во текот на вчерашната вечер санкционирани биле 360 учесници во сообраќајот, од кои 29 возачи управувале без возачка дозвола, четворица управувале под дејство на алкохол, додека 79 возачи возеле со брзина поголема од дозволената.

– МВР ќе преземе голем број дејствија во рамки на надлежностите и ќе делуваме максимално активно и превентивно во дејствијата кои може да се преземат од наша страна. Минатата година има 142 жртви во сообраќајни несреќи. Тоа се страшни бројки. Сите како општество мора да се фокусираме тие бројки да се намалат. Имаме начин како да се намалат овие бројки, вели министерот.

 

 

kurir.mk