Во ЕВН пристигнаа 1.385 поплаки за сметките за струја

Високите сметки на електрична енергија во текот на зимата, кога е зголемена потрошувачката во речиси сите домови, им предизвикуваат големи главоболки на граѓаните во Северна Македонија. Многумина од нив се одлучуваат да си ги скратат маките и да си ја пробаат среќата со поплаки до надлежните институции, со надеж дека колку-толку ќе им се коригираат високите сметки за струја. На адресата на ЕВН Хоум за само еден месец се пристигнати 1.385 барања за корекција на фактурите за струја. Оние што не успеале да добијат корекција од ЕВН, тропнале и на вратата на Регулаторната комисија за енергетика, во надеж дека таа ќе ги спаси од големите давачки.

Од ЕВН Хоме во изјава за ДВ велат дека на ниво на државата во јануари годинава имаат добиено 1.385 барања за корекција на фактура, како и 898 барања во декември 2024 година. Споредено со минатите години, од компанијата велат дека се намалува бројот на поплаки, иако сметките за струја, според граѓаните, само се зголемуваат од година во година.

„Минатата година во истиот период (јануари 2024) компанијата има добиено 1.857 барања за корекција на фактура и 923 барања во месец декември 2023 година. Во просек, во декември и јануари и декември има околу 18% помалку барања за корекции на фактури во споредба со декември 2023 година и јануари 2024 година“, велат од ЕВН.

Поплаки и до РКЕ
Дел од граѓаните коишто не добиле позитивен одговор од ЕВН за корекција на високите сметки се обратиле и до Регулаторната комисија за енергетика. Од РКЕ за ДВ информираат дека во моментово до нив се пристигнати два приговори, што оценуваат дека е незначителна бројка во однос на претходните години. Лани во февруари имаше бројка од околу 30-тина поплаки, а на почетокот на 2023 година – дури седумдесетина граѓани се жалеле на високите сметки.

Согласно Правилата за постапување на приговори и разрешување на спорови, доколку потрошувачите се незадоволни од снабдувачот (висина на сметка, квалитет на услуга) прво треба да се обратат до ЕВН Хоум, па потоа, доколку бидат одбиени, поднесуваат приговор до РКЕ. Практично, во овој процес Регулаторната комисија за енергетика е второстепен орган.

За приговорот до РКЕ нема пропишано посебна форма/формулар и кон него треба да приложат копија од вложениот приговор до ЕВН Хоум, одговорот од ЕВН и копија од сметката по која приговараат, по што РКЕ ќе донесе соодветно решение. Против решенијата на РКЕ незадоволната странка може да поведе Управен спор“, објаснуваат од регулаторното тело.

Граѓаните да си ги читаат броилата
Со цел да се спречат пропустите во пресметките, кои удираат по џебот на граѓаните, надлежните во повеќе наврати посочуваа дека секој треба да ги контролира и сам да си ги чита броилата. Оваа можност беше воведена од пред неколку години. Состојбата на броилото која што ќе ја отчита граѓанинот е задолжителна за ЕВН да ја имплементира во нивните сметки.

 

 

DW