Нов бојкот на маркетите поради високите цени

За денеска (7 февруари) е најавен нов бојкот на маркетите по минатонеделниот кога прометот во големите трговски ланци беше намален за речиси 50 проценти.

Надлежните пак најавуваат мерки кои треба да бидат познати во текот на денешниот ден или во понеделник. До крајот на неделата треба да завршат и шестмесечните контроли на Пазарниот инспекторат со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците.

„Течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки“, истакна вчера министерот за економија Бесар Дурмиши.

Според него, легитимно е да има бојкот на маркетите, бидејќи одредени компании генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните.

„Легитимно е да има бојкот на маркетите, го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме. Ќе ве известиме како ќе постапиме понатаму, подготвени сме да ги преземеме сите мерки што ни се на располагање за да ги спречиме овие незгодни ситуации“, рече Дуримиши.

 

 

slobodnaevropa.mk