Како што беше најавено, американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини за увоз на челик и алуминиум. „Тие изнесуваат 25 проценти без исклучоци или ослободување”, изјави Трамп во Белата куќа. Тој размислува за исклучок за Австралија кога се во прашање царините за челик.
Трамп потпиша две извршни наредби со кои се укинуваат исклучоците и ослободувањата од неговите царини за челик во 2018 година. Предвидено е наредбите да стапат на сила на 4 март. „Ова е голема работа“, истакна американскиот претседател, на ваков начин Америка повторно ќе се збогати. Трамп посочи дека размислува за воведување дополнителни царини за автомобили, лекови и компјутерски чипови.
Трамп го оправда можното ослободување на Австралија од царините со трговски суфицит на САД со земјата. „А причината е што купуваат многу авиони. Тие се прилично далеку и им требаат многу авиони“, рече Трамп.
Според австралискиот премиер Ентони Албаниз, Трамп претходно „се согласил да се разгледа изземањето во интерес на двете земји“. Во телефонски разговор со американскиот претседател, Албаниз се заложил Австралија да биде изземена од заканувачките царини за челик и алуминиум.
Американскиот претседател ќе ги објави плановите за воведување контрацарини на други земји во следните два дена. Во интервју за Фокс њуз, Трамп рече дека другите земји со години воведуваат царини за увоз од САД: „Не е фер што другите земји нè искористуваа толку многу години и сега одеднаш веќе не ни дозволуваат да воведуваме царини.”
Во ТВ интервјуто, американскиот претседател нагласи дека ќе објави „многу софистициран план“ за контрацарините и дека нема ништо против другите земји да преземат одмазднички мерки.
DW