Како што информира Владата покрај основните прехранбени производи одлуката ќе вклучува и средства за хигиена, бебешка храна и непрехранбени производи кои имаат многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Одлуката ќе биде донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците дистрибутери се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.
До утре, како што најави владината портпаролка, треба да се изврши и контрола кај производители на млеко, месо, млечни и месни производи.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера појасни дека веќе има работна верзија на предлогот и дека очекува денеска на итна седница на Влада да биде донесен.
– Маржата малопродажна и големопродажна се ограничува на 10 проценти. Очекувам да има драматично намалување на цените на оние производи кои вистински ги користат граѓаните. Тие се проширени со производи за хигиена, бебешката храна, а опфатено е речиси се од тоа што граѓаните го користат, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на општина Кавадарци.
На владина седница во вторникот, Мицкоски посочи дека бил донесен заклучок Министерот за економија и труд да свика работна средба и координација со сите институции како Комисијата за заштита на конкурентноста и Државниот пазарен инспекторат и да излезе повторно на терен да ја прошират акцијата и на други трговски хипермаркети во делот на белата техника.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, вчера одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, рече дека наскоро очекува средба помеѓу ресорните министерства и претставници на институции и да се дојде долгорочното решение за стабилни цени. За ова, како што рече министерот Дурмиши наскоро ќе се разговара и на владина седница.
– За работата на инспекторатот сакам да кажам дека по 15 години за прв пат се контролираат цените на увозниците и трговците. А во месеците октомври и ноември се бележи пад, заради мерките на Владата, рече Дурмиши.
skopjeinfo.mk