Минатата недела пратениците не ги изгласаа новите предложени членови за АВМУ. Причината беше тоа што во пленарната сала не можеше да се обезбеди потребното мнозинство. И додека новинарскиот еснаф реагира дека процесот е фарса и политички обоен, партиите тврдат дека кандидатите се професионалци.
Непроменетиот состав на Агецнијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) тера мандат од речиси 11 години, последен пат избрана во 2014 година, иако законскиот мандат е пет години. Досегашните два неуспешни обиди за избор на нови членови се должеше на недостиг на двотретинско и Бадентерово мнозинство во Парламентот.
Истата причина беше и последниот, трет обид минатиот четврток на 13 фебруари 2025 година, кога парламентарниот состав не ги изгласа новите членови на медиумското регулаторно тело, за кои новинарската и експертската јавност ги оцени за партиски договорени.
Како што велат пратеници од повеќе политички партии во Собранието за РСЕ, дента кога требало да се гласаат новите членови, отсутни биле пратеници од владејачкото мнозинство, а на седницата се појавиле пратениците од ДУИ, меѓу кои и лидерот на интегративците Али Ахмети, кој во измината деценија важи за пратеник кој ретко доаѓа на седници и учествува во парламентарната дебата за носење или измени на закони.
Пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети вели дека пратеничката група на интегративците ќе го бојкотираат гласањето сметајќи дека предлозите за нов состав на Агенцијата се партиски луѓе.
„Не ги поддржуваме бидејќи се партиски милитанти кои не ги исполнуваат условите во стручниот дел. Бевме присутни со претседателот Ахмети и другите останати пратеници. Не би сакал да прејудицирам како ДУИ ќе се постави во однос на прашањето во иднина и дали ќе продолжи со бојкотот“, изјави Беџети за РСЕ.
slobodnaevropa.mk