Владината одлука за ограничување на маржите на 102 групи на производи или на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи, предизвика незадоволство кај трговците во Северна Македонија. Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун е сериозно загрижена по одлуката на Владата и бараат итна средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за да ги разгледаат последиците од овие одлуки.
Со одлука на Владата се предвидува ограничување на маржите на 5 отсто на основните прехранбени производи, како што се млекото, лебот, брашното, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко. Иако Владата најави дека оваа мерка ќе опфати 1.000 производи, трговците сметаат во реалноста се работи за многу поширока листа од 3,000-4.000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко со различни маслености, како и производи како што се детергенти и сапуни.
Кои се аргументите на трговците?
„Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25 отсто, што е причината за ограничувањето на маржата на 5 отсто, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е, цените да се намалат за 15-20 отсто, доколку се намали маржата на овој начин. Дополнително, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходи“, реагираат трговците. Според нив, на пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања.
Трговците неодамна доставија свои предлози до Владата, со кои се предивдување намалување на цените на 100 до 200 производи, коишто тие сметаат дека ќе обезбедат ефективни мерки за намалување на цените, а истовремено нема го загрозат опстанокот на трговските претпријатија. Затоа бараат Владата посериозно да ги земе предвид нивните аргументи.
„Со вакви избрзани одлуки се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти кои имаат клучна улога во развојот на економијата“, велат трговците. Според нив, овие компании се соочуваат со неизвесност во нивните идни инвестиции и активности, а истовремено се испраќа негативна порака до сите потенцијални инвеститори во дејноста.
Овие компании вработуваат 4.700 граѓани. Тие сметаат дека нивното функционирање е од суштинско значење за економската стабилност на државата.
Што бара Владата?
Владата во вторникот (18.02) донесе одлука за ограничување на бруто профитната маржа (БПМ) за утврдување на највисоките цени за одделни производи во трговијата на големо и мало.
Како што информираше заменик-министерот за економија и труд, Марјан Рисески, целта да се заштити животниот стандард на наслението. Со одлуката на Владата се ограничува маржата во трговија на големо и трговија на мало на 102 групи на производи или на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи.
И тоа на 5 отсто маржа на основните осум прехранбени производи – млеко, леб, брашно, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко или вкупно осум групи на производи и на 10 отсто ограничена маржа на прехранбени производи каде опфаќа група од 55 прехранбени производи – месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини. Ограничување од 15 отсто на маржа ќе има на 39 прехранбени производи и средства за хигиена и тоа свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.
Анализата на Државниот пазарен инспекторат покажала дека трговците пресметуваат маржа од 20 до 25 осто за основните производи во трговијата на мало, а од 20 до 50 отсто во трговијата на големо.
„Со оваа одлука се задолжуваат сите кои се учесници во трговијата на големо и во трговијата на мало, сите овие 102 групи на производи, најмалку 70 проценти да бидат присутни на рафт“, вели Ристески.
DW