Надзорната расправа на која ќе се расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство. Од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши попладнево информираа дека тој ја назначил оваа Комисија како матично работно тело за расправата.
– Комисијата за здравство сега соодветно ќе ја свика седницата, за да се погрижи расправата да се одвива на организиран, деловнички и законски начин. Собранискиот надзор е суштински, но и почитувањето на Деловникот за одржување на кредибилитетот и отчетноста. Собранието останува посветено на решавање на важни јавни прашања, истовремено обезбедувајќи процедурален интегритет – се наведува во соопштението од Кабинетот на Гаши.
Кабинетот информира дека на 6 февруари претседателот на Постојната анкетна комисија, Димитар Апасиев доставил известување дека надзорната расправа ќе се одржи на 25 февруари, а дел од членовите на оваа Комисија на 13 февруари доставиле известување со кое укажале дека во однос на оваа јавна расправа има постапувања кои не се во согласност со Деловникот.
slobodnaevropa.mk