Двојни аршини за пензионирање – судиите и обвинителите посебна категорија

Од „жестоко“ спротивставување до „експресно“ гласање. Последните измени на законот за работни односи со кои судиите и обвинителите ќе се пензионираат на 67 години, беше предлог кој во 2022 ВМРО-ДПМНЕ не го гласаше, а сега го усвои. Правните експерти укажуваат на нејаснотија – колку функционери тоа може да го искористат.

Перцепцијата за тоа што е корисно е различна кога се гледа низ призмата на власт и опозиција. За еден ист проблем, недостигот на судии и обвинители, двата најголеми политички ривали, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за две и пол години нудат исто решение- судии и обвинители да заминат во пензија на 67 наместо на 64 години.

Разликата е во исходот. Во 2022 година, законот не го доби потребното мнозинство, додека годинава, на 13 февруари, помина низ собраниските филтри за само седум дена и се чека негова објава во Службен весник за да стапи во сила.

Првиот пат, предлог законските измени на Министерството за труд и социјална политика во 2022 година завршија со инцидент во Комисијата за европски прашања чиј претседател беше пратеникот на ДУИ, Арбен Адеми. Имаше виткање микрофони, пцовки, закани и филџан кој Адеми го фрли кон пратеникот Халил Снопче.

Тогашните опозициски пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците „жестоко“ се спротивставија на носењето на измени на закон за работни односи по скратена постапка со европско знаменце. Со нив се предвидуваше на 60 судии и 13 обвинители да им се продолжи работниот век за три години, додека во меѓувреме се чекаше да излезе од Академијата „нова транша“ на обучени судии и обвинители.

„Законот за работни односи – по скратена постапка, со Европско знаменце. Што предвидува !? Да се дозволи судии и обвинители кои се блиски до власта, да продолжат со работен однос и по навршување на 64/62 години старост, односно до 67 години. И тоа впринтано во закон, со “фоторобот”, уште име и презиме да напишеле“, напиша на социјалната платформа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски кој сподели видео од инцидентот.

 

slobodnaevropa.mk