„Вреди“ ја смирува топката околу промена на грбот

Владиниот коалиционен партнер „Вреди“ ја смирува топката околу промената на државниот грб и химната. Откако поголемиот дел од партиите се изјаснија дека се против оваа идеја, првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити вели дека не се водат преговори во однос на химната и грбот, но и дека нема табу теми во владината коалиција. Според него, во моментот има други теми коишто се во фокусот на владините партнери во Северна Македонија.

Нема табу теми
„Во фокус ни е владината програма каде што има утврдени столбови, нема преговори во однос на химната, грбот, но нема ни табу теми, значи разговараме. Политички договор има за владината програма која што има утврдени столбови како што се економскиот развој, животниот стандард, ЕУ-интеграцијата, враќање на правната држава, децентрализацијата. Тие се секојдневно во нашиот фокус и целосно сме посветени на овие столбови“, изјави Меџити.

„Не сакам да навлегувам во нешто за што нема преговори, нема политички договор. Не криеме ништо“, додава тој.

На прашањето дали има проблеми во коалицијата по однос на дилемата околу грбот и химната, за што партнерите во власта имаат различни мислења, Меџити тој вели дека Владата има демократски и политичлки капацитет да изнајде решенија на маса на база на аргументи.

„Не ни треба нов државен грб“
Ваквите изјави следат откако третиот коалиционен партнер – „ЗНАМ“ се спротивстави на идејата за менување на државните обележја. „Државниот грб што го имаме во моментот ги задоволува сите потреби. Не е точна тезата дека само одреден број на држави кои се настанати во поствоениот период ги носат комунистичките определби. Денес имате држави членки на ЕУ токму со грбови коишто се донесени уште во тој временски период и се прогресивни и напредни држави, како што е Словенија“, вели претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Тој во гостувањето на телевизија „Сител“, повтори дека грбот во целост ја отсликува македонската современа иконографија.

„За државниот грб и неговото значење од суштински аспект многу повеќе треба да говорат хералдичарите, бидејќи тие се стручни и компетентни. Нашиот грб за првпат датира од 1946 година. Точно е дека тоа е иконографија, не само на нашиот државен грб, туку и на сите новосоздадени држави после Втората светска војна, кои што првенствено се со социјалистички или комунистички идеи, и од тогаш претрпува две модификации. Се менува во Социјалистичка Република Македонија, а последната промена е кога е тргната петокраката која има симболика на НОБ, кога ние всушност и станавме независна држава“, вели Димитриевски.

 

 

DW