На денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беше прикажана видео снимка од 24.11.2023, кога беше извршен обид за грабнување на Вања.
Снимките покажуваат како во 03:47 часот се појавува „Шкода фелиција“, која доаѓа од Велес со изгаснати светла и ги пали при поминувањето покрај куќата на обвинетиот Велибор Манев. „Мерцедесот“ на Манев е паркиран во дворот, а „шкодата“ зад него. Боре Видевски оди кон капијата на Манев, се враќа во „шкодата“, а потоа Манев излегува од куќата и ги менува возилата. Во 4:06, Манев му дава нешто на Видевски, најверојатно ракавици, а двајцата тргнуваат пеш по улицата во правец кон Велес.
Во 4:31, тие заминуваат со „Рено кангу“ во правец кон Велес, а „мерцедесот“ и „шкодата“ остануваат зад нив.
На следната снимка од 10:07 истото утро, „Рено кангу“ се враќа и се паркира во дворот. Видевски и Манев излегуваат од возилата, а Манев зема лопати од задната врата на „Рено кангу“ и влегува во куќата.
Овие снимки се дел од доказите презентирани од обвинителството во текот на рочиштето, како дел од истрагата за обидот за грабнување на Вања и понатамошните настани.