Германската надворешна политика: Време на промени

Веќе може да се каже дека новата германска влада по предвремените избори ќе се соочи со огромни надворешнополитички предизвици. Се зборува за пресврт, за нов правец во речиси сите области. Или, кажано поинаку: за последното збогување со удобната улога на економски моќна, но геополитички прилично воздржана земја. Долг период по Втората светска војна, германските министри за надворешни работи можеа да сметаат на атрактивна позиција: цврсто вкоренети во западниот сојуз, тие ја развија земјата во заговорник на мултилатерализмот и во портпарол на демократијата и владеењето на правото. Чувствителните надворешнополитички одлуки беа носени во тесна соработка со пријателските западни земји, додека САД беа одговорни за безбедноста на земјата.

САД веќе не сакаат да ја гарантираат безбедноста на Германија
И сега? На Минхенската безбедносна конференција (MSC), новиот американски потпретседател Џеј Ди Венс најави дека Европа мора да ги сноси трошоците за сопствената одбрана и да преземе одговорност. Потенцијалниот нов германски канцелар, претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц,во интервју за ДВ изрази збунетост: „Овде имаме историски датум: американските безбедносни гаранции се доведуваат во прашање, а Американците ги доведуваат во прашање демократските институции. И сето тоа со неверојатна брзина. Експертот за надворешна политика на пратеничката група на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Родерих Кизеветер, смета дека Германија е на пресвртница. Таа мора да разбере дека нејзината демократска и правна структура е сѐ повеќе под закана. Кина, на пример, во моментов прави сѐ што може за да го прошири своето влијание и да ја зголеми зависноста на демократските држави како Германија.

Во интервју за ДВ, Кизеветер се залага за политика која во центарот ги става сопствените национални и економски интереси: „Во спротивно, економските последици ќе бидат огромни, а НАТО ќе ја загуби моќта на одвраќање. За да се постигне ова, потребна е јасна стратешка и политичка реорганизација на надворешната и безбедносната политика. Стариот начин на размислување за попуштање и наивност кон Кина не се вклопува во тоа, но е контрапродуктивен“.

Германски мировни трупи во Украина?
Се чини дека ништо нема да остане исто во досегашната политика кон Украина. По рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година, Германија стана најголемиот поддржувач на Украина по САД, воено и во однос на прифаќање бегалци. Сега се наѕира договор за ставање крај на војната, за кој најверојатно ќе се преговара првенствено меѓу САД и Русија. Германија и другите земји, веројатно првенствено од Европа, тогаш би биле одговорни за обезбедување на таков договор со сопствените војници. Американскиот претседател Трамп, во секој случај, веќе најави дека нема намера да ја преземе таа задача.

Дали германските граѓани ќе прифатат да ги испратат своите војници во украинска воена мисија останува неизвесно: во анкетата на Институтот за истражување на јавното мислење Форса, 49 отсто од испитаниците рекле дека се за таква мисија, додека 44 отсто биле против. Актуелниот канцелар Олаф Шолц (СПД) нема друг избор освен да се потсети на старата позиција, која тешко ќе ја спроведе. Во интервју за АРД, тој рече: „Го поздравуваме фактот дека има преговори за мировно решение, но за нас е јасно: тоа не значи дека може да има мир под диктат и дека Украина мора да го прифати она што ѝ се сервира“.

Бундесверот ќе биде масовно зајакнат
Но, тоа е токму она што може да се случи. Во секој случај, Германија, по можност во соработка со другите членки на ЕУ, мора да се фокусира на сопствената одбрана. Членот на Бундестагот, Тони Хофрајтер од Зелените веќе ги проценува финансиските потреби на 500 милијарди евра, што е неверојатна сума. А, Германија, според кандидатот за канцелар на ЦДУ, Фридрих Мерц, мора да преземе иницијатива во Европа.

Во изјава за ДВ, тој рече: „Сите очекуваат поголема лидерска одговорност од Германија. Секогаш сум предупредувал за тоа. Германија е убедливо најнаселената земја во Европа. Германија се наоѓа во геостратешкиот центар на европскиот континент. Ние мора да ја преземеме таа улога“.

За Мерц, германското вооружување е важно, и тоа не само во контекст на Украина: „Не е само Украина: тоа е мир во Европа наспроти руската агресија, која секојдневно нè погодува и нас овде во Германија со загрозување на нашата инфраструктура, нашите мрежи за податоци, подморските кабли во Балтичкото Море“.

Што се однесува до Блискиот Исток, германското влијание останува, како и досега, ограничено. И идната влада ќе се придржува до принципот доследно да се залага за правото на Израел да постои. Ќе продолжи и поддршката за „решение со две држави“, иако тоа се чини сè поневеројатно.

 

 

DW