„Наш кандидат (на ПП-ДБ) за уставен судија ќе биде Јонко Грозев. Ја креваме летвата. Ајде да видиме дали ќе понудат подобар од Грозев”, изјави пред два дена копретседателот на „Продолжуваме со промените“ и поранешен бугарски премиер, Кирил Петков.
И сето ова би изгледало како прашање на „избор за најдобриот“ од страна на партиите во бугарското Собрание, но сѐ додека во игра не беа уфрлени два „аргумента“: првиот – дека Грозев е адвокат што ја бранел „ОМО Илинден“ и со самото тоа не е достоен да се кандидира за уставен судија, и вториот – дека бил „соросоид“.
Партиската поддршка од ПП-ДБ за кандидирање на Јонко Грозев уследи по иницијативата доставена до бугарското Собрание од 30 претставници на граѓански организации, правници, професори и јавни личности. Тие на 21-ви февруари до бугарското Народно собрание доставија официјален предлог – Грозев да биде кандидиран за судија во Уставниот суд, од квотата што се избира со поддршка од Собранието.
Исмејување на институцијата
Грозев е адвокат со долгогодишно искуство во заштитата на основните права, а од 2015 бил судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), чиј деветгодишент мандат истекол на 12 април 2024 година. Потписниците на предлог иницијативата нагласуваат дека тој се покажал како независен и принципиелен судија кој секогаш ги бранел правната држава и владеењето на правото, и изразуваат надеж дека парламентот ќе ја поддржи таа силна и професионално аргументирана кандидатура.
Откако Кирил Петков соопшти дека тие ќе ја поддржат кандидатурата на Грозев, ехото беше пренесено во медиумите низ идентични критики: „Избувна скандал! Кирил Петков го турка поддржувачот на Сорос, Јонко Грозев за уставен судија“, „Не е достоен, го бранел ОМО Илинден“. Освен фактот што партиципирал во неколку „соросоидни“ невладини организации, главниот „грев“ сепак му е одбраната на „ОМО Илинден“ во периодот кога бил адвокат.
„Од биографијата на Јонко Грозев е невозможно да се избрише, дури и подзаборавениот факт дека тој бил адвокат на сепаратистичката организација „ОМО Илинден“; „Правосудниот систем (на Бугарија, н.з.) се спротивстави на притисокот и категорично ги отфрли обидите да се регистрира антибугарска партија во Бугарија, но бранител на организацијата во овие случаи е Јонко Грозев, кого Кирил Петков во неговите мечти го гледа како уставен судија”; „Иако нејзините активности (на ОМО Илинден, н.з.) беа целосно спротивни на Уставот, организацијата водеше, па дури и доби два случаи во судот во Стразбур. Дозволувањето тој (Грозев, н.з.) да ја преземе функцијата уставен судија е еднакво на исмејување на институцијата“, гласат дел од критиките пренесени во медиумите.
Повик до партиите да гласаат „против“
Со иста „аргументација“, вчера се огласи и бугарската Фондација Македонија, преку посебно соопштение до медиумите, во кое категорично повика против кандидатурата на Грозев за уставен судија.
„Со оглед на водечката улога на адвокатот Грозев низ годините во заштита на нелегитимната организација ‘ОМО Илинден’, вклучително и пред Европскиот суд за човекови права, Република Бугарија беше тужена поради тоа што земјата си го заштитува нејзиниот Устав и уставен поредок, одбивајќи да регистрира невладина организација која во својот статут и цели се противи на територијалниот интегритет на Република Бугарија и на Уставот на земјата“, се вели во соопштението испратено до бугарските медиуми.
Од Фондацијата ги повикуваат и останатите партии застапени во Народното собрание да гласаат против кандидатурата на Грозев, за да се заштити уставниот поредок на Бугарија и доброто име на Републиката.
„Улогата на адвокатот Грозев како добар правник со искуство во ЕСЧП во оваа насока беше водечка, затоа сметаме дека е крајно неприфатливо адвокатот Грозев да стане дел од Уставниот суд, против чиј Устав повеќекратно се спротивстави, заштитувајќи нелегитимна организација која се изјаснила против територијалниот целина на државата“, повика бугарската Фондација Македонија.
DW