Судири меѓу демонстрантите и полицијата се случија за време на 24-часовните демонстрации низ Грција, каде некои граѓани бараат кривично гонење на одговорните за железничката несреќа во земјата која се случи во февруари пред две години.
На втората годишнина од трагедијата, во која загинаа 57 лица, денеска (28 февруари) во Атина избувнаа немири откако демонстрантите им оддадоа почит на жртвите додека маскирани лица фрлаа камења и молотови коктели и упаднаа на барикадите пред зградата на Парламентот, на што полицијата одговори со употреба на солзавец, објави Ројтерс.
Меѓународните и домашните летови беа прекинати со штрајк на контролорите на летање кои им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и наставниците во еднодневниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата. Фирмите и културните институции се затворени.
ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, повика на штрајк за, како што рече, да се спроведе владеењето на правото.
slobodnaevropa,mk