САД и Украина: Како натаму по скандалот во Белата куќа?

Вакво нешто немало никогаш: Американски претседател во Овалната соба пред телевизиски камери се кара со претседател на друга земја и на крајот го исфрла од Белата куќа.

„Ризикувате трета светска војна. И ова што го правите е големо непочитување кон оваа земја“, рече Доналд Трамп во екот на кавгата. „Вашата земја е во голема неволја“, продолжи Трамп, не давајќи му шанса на Володимир Зеленски да зборува и додавајќи дека Украина не може да победи во оваа војна.

Зеленски предвреме ја напушти Белата куќа и, и покрај скандалот, даде интервју за Фокс њуз, во кое нагласи дека договорот за суровини што го бараат САД не е доволен за почеток на мировни преговори со Русија. Потребни се безбедносни гаранции од САД. „Ваков спор не е добар за ниту една страна“, рече Зеленски. „Но, не можам да го сменам украинскиот став кон Русија. Тие за нас се убијци. Американците се нашите најдобри пријатели, Европејците се нашите најдобри пријатели. Путин и Русија се непријатели“.

Трамп пред неговото заминување во Мар-а-Лаго, Флорида, каде што ќе го помине викендот, рече дека Зеленски може да се врати штом ќе биде подготвен да постигне мир: „Тој не може да стои таму и да вели Путин ова, Путин она. Тој мора да каже сакам мир, не сакам повеќе да ја водам оваа војна“.

Дали воопшто има перспектива?
Што останува по овој скандал? Може ли Украина да смета на поддршка од САД? Може ли Трамп и Зеленски воопшто да разговараат повторно еден со друг? Републиканскиот сенатор Линдзи Греам се сомнева во тоа. Според него, Зеленски се однесувал без почит во Овалната соба. „Не знам дали некогаш повторно ќе можеме да преговараме со Зеленски“, рече Греам.

Републиканскиот претставник Мајк Лолер е попромислен: „Сè уште можеме да го спасиме ова. И мора да се спаси“, изјави Лолер за ПБС. „Неуспехот би бил катастрофален за Европа и за слободниот свет.“

„Напад од заседа“
Голем број републиканци на социјалните мрежи објавија дека Трамп покажал сила кон Зеленски. Демократскиот сенатор Ричард Блументал, пак, за Си-Ен-Ен изјави: „Овој вид омаловажување и заплашување од страна на Претседателот и Потпретседателот беше срамно. Тоа беше како напад од заседа“.

Осврнувајќи се на изразите на поддршка од Европа за Зеленски, американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио зборувајќи за Си-Ен-Ен праша: „Ако Доналд Трамп утре одлучи – не ми е грижа за Украина, не ми е грижа за Русија, не ми е грижа за оваа војна и се сврти настрана – кој на оваа планета има шанси да ги доведе завојуваните страни на преговарачка маса? Одговорот е – никој“.

Историчарот Тимоти Снајдер, кој предава на Универзитетот Јеил, смета дека Трамп го понижува Зеленски и му се додворува на Путин: „Ако се мисли дека викање на гостинот е знак на сила, тоа е грешка“, изјави Снајдер за ПБС. „Ако се мисли дека треба да им се направи услуга на земји кои всушност сакаат да ве уништат, тоа е грешка. Она што Русија им го прави на САД пред сѐ е крадење на нашата технологија и хакирање на нашата инфраструктура. Она што САД го прават во моментов е жртвување на 80-годишен сојуз со доверливи европски партнери за сојуз со Русија.“

 

 

DW