Над 83.000 работници уште чекаат плата за јануари

Речиси 83.000 работници во Северна Македонија сè уште ја чекаат јануарската плата, што е три и пол пати повеќе во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи (УЈП). Иако законскиот рок за подмирување на платата е одамна изминат, тие и на почетокот на март сè уште живеат во неизвесност кога ќе ги добијат приходите неопходни за подмирување на основните животни трошоци.

Според законските обврски, рокот за исплата на јануарските плати е 14 февруари, а до овој датум платите требало да ги исплатат над 70.000 фирми за вкупно 551.264 вработени. Во истиот период минатата година, јануарската плата не ја добиле околу 25.000 работници. За споредба, во декември плата немаа земено речиси 82 илјади вработени, додека во ноември податоците посочуваа дека речиси 70 илјади работници останале без редовни приходи.

Во земјата има 70.000 фирми со вкупно 551.264 вработени. На компаниите коишто не го испочитувале рокот веќе им се испратени опомени. Доколку не ја исплатат платата во наредниот период, ќе следи присилна наплата.

Кои се причините?
Економската нестабилност, зголемените трошоци и долговите на компаниите се наведуваат како дел од можните причини за доцнењето на платите. Работодавачите наведуваат дека компаниите се неликвидни и не можат да исплатат плати, а казните коишто се најавуваат само ќе ги втурнат во стечај.

„Неисплаќањето на плати е резултат на неликвидноста на компаниите. Голем број компании немаат доволно сопствен капитал и ликвидноста им е нарушена. Тие во најголем број случаи чекаат одредени приливи на средства од своите купувачи или клиенти за да ги исплатат платите“, вели во изјава за „Локално“, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Пратениците од Левица деновиве поднесоа предлог во Собранието за измена на Законот за работи односи, со цел, исплата на платите до петти во месецот, наместо до петнаестти. Предлог-законот, како што образложија од партијата, доаѓа како резултат на реалната економска состојба на работниците во Македонија и има за цел да обезбеди навремена и правична исплата на платите. Целта е да се обезбеди финансиска сигурност на работниците, бидејќи во многу домаќинства платата е единствениот доход на семејствата, а моменталната пракса на исплата на платите до петнаести во месецот, предизвикува финансиска нестабилност и задоцнети плаќања на режиските трошоци. Поради доцнењето на платата, многу работници се принудени да земаат брзи кредити, дозволени минуси, позајмици со високи камати, што дополнително ја влошува нивната финансиска состојба.

Проблеми и во јавниот сектор
Според податоците на Сојузот на синдикатите, над 20 илјади работници се на минимална плата, од кои најголемиот дел работат во мали и микро фирми. Синдикатот најави дека ќе изврши проверки што се случува и во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), каде што се наведуваше дека вработените не земале плата еден или два месеци.

„За жал, дел од вработените во јавниот сектор поради реорганизацијата на Владата, немаат земено плата еден или два месеца. Овие работници се добредојдени во ССМ да формираат синдикална организација за да можеме да се легитимираме пред работодавачите и да се избориме за исплата на нивната плата. Синдикалците кои се веќе таму молчат за овој проблем и не преземаат никакви активности да овозможат исплаќање плати на работниците“, изјави деновиве на прес-конференција првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов. Според него, ССМ нема да ги изневери работниците и секогаш ќе биде со нив не само за исплата, туку и за зголемување на платите.

И опозициската СДСМ излезе со сознанија дека државните инспектори од Трудовиот инспекторат се одјавени од Агенцијата за вработување и веќе една недела не се вработени. „Инспекторите ја добиле својата плата за декември 2024 година дури на 12 февруари оваа година, а за јануари и февруари 2025 година – платите сè уште не им се исплатени. Тоа значи дека тие немаат ниту здравствено осигурување, што е директен напад врз нивните основни работнички права“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

 

 

DW