Неочекувано брзо по усвојувањето во Народното собрание на Република Српска, стапија на сила законите за забрана на работата на Државната агенција за истрага и заштита (СИПА), како и спроведувањето на одлуките на Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина на територијата на Република Српска. Указот доцна синоќа го потпиша претседателот на РС, Милорад Додик, а неколку часа подоцна беше објавен во Службениот весник на ентитетот.
„Овие четири закони што ги донесе Народното собрание на Република Српска ја враќаат уставната јурисдикција на РС во контекст на загрозувањето на нашата уставна јурисдикција кое траеше речиси 25 години“, рече Додик по потпишувањето на указот, нагласувајќи дека не постои намера ништо да се забрани. Тој вели дека е свесен оти „непријателите од Сараево“ сега прават сѐ што можат за преку Обвинителството да отворат истраги против раководството на РС преку Обвинителството. Тоа според него е удар врз легитимните институции на РС.
„Ги повикуваме разбеснетите носители на одлуки во Федерацијата БиХ да останат смирени, да не испраќаат никого во Република Српска. Ве молиме не ни испраќајте веќе ни дописи за овие прашања. Не ги изложувајте луѓето веќе на ништо. Ќе останеме истрајни во градењето на нашиот субјективитет каков што ни го дава Уставот“, порачува Додик непосредно пред да го испрати законот на објавување во Службен весник, заклучувајќи со зборовите „да живее мирот и да живее Република Српска“. Службениот весник на Република Српска, кој ги објави законите потпишани од Додик, е со датум од 5 март 2025 година. Во одлуките, кои се придружен дел на законот, се наведува дека „законот стапува на сила наредниот ден по објавувањето во Службен весник“, што практично значи дека законите веќе се во сила на територијата на Република Српска.
Клубот на Бошњаците ја забрзува процедурата
Таквото сценарио беше делумно одобрено од Клубот на Бошњаците во Советот на народите на РС, кој како што се очекуваше не го покрена прашањето за заштита на виталните национални интереси. Со оглед на тоа што оценија дека вето „и онака би било оспорено пред Уставниот суд на Република Српска“, одлучија дека е подобро да се „пуштат“ законите за да може да постапува Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
„Со оглед на тоа дека законите се анти-уставни и анти-државни, Уставниот суд на БиХ кого ќе го адресираат овластените лица, е единствената инстанца која треба итно да реагира и со помош на привремена мерка да ги стави вон сила сѐ до конечната одлука, за да се запрат Додик и неговите поддржувачи во Народното собрание на РС“, рече претседателот на Народниот совет на РС, Алија Табаковиќ, објаснувајќи дека во спротивно за истиот резултат ќе треба да чека 20 дена.
Привремена мерка на Уставниот суд
Жалбата до Уставниот суд на БиХ е веќе готова и ја поднесуваат пратениците во Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ, Денис Звиздиќ и Кемал Адемовиќ, заедно со бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ. „Заканите на Додик дека уривачите на Уставот на БиХ и одметниците нема да одговорат на повикот на Обвинителството на БиХ претставуваат жртвување на послушници и нивно губитничко соочување со законот заради негова лична заштита. Затоа што, да повториме, му се судеше на лице кое го прекршило законот, а не им се суди ниту на Република Српска, ниту на српскиот народ“, рече претседавачот со Парламентот на БиХ, Денис Звиздиќ. Тој додаде дека жалбата ќе биде поднесена веднаш по стапувањето на сила на законот. Уставниот суд на БиХ има можност да донесе привремена мерка сѐ до конечната одлука, доколку оцени дека се работи за загрозување на уставниот поредок, што во овој случај се очекува за само неколку дена. Но, никој освен политичките претставници не се осмелува да прогнозира како ќе се спроведува оваа одлука, со оглед на тоа дека во законите чија оцена на уставноста се бара, конкретно е пропишано неспроведување на одлуките на Уставниот суд на БиХ. Потпретседателот на Република Српска, Чамил Дураковиќ, заради тоа вели дека со овој указ Додик „де факто извршил државен удар и ја отцепил Република Српска од Босна и Херцеговина“. „Многу непријатна ситуација. Сега ќе има жалба и одлука на Уставниот суд на БиХ, веројатно со привремена мерка. Дури тогаш ќе видиме дали имаме држава или не. Дури тогаш ќе видиме дали имаме меѓународна заедница, која е должна да го штити мирот и Дејтонскиот мировен договор, дали го има тоа или не“, оцени Дураковиќ.
DW