ОН: 750.000 раселени лица се вратиле во своите домови во Сирија од ноември 2024

Меѓународна организација за миграција (ИОМ), објави извештај за враќањето на внатрешно раселените Сиријци во своите домови, известува Анадолу.

„Од ноември 2024 година, околу 750.000 внатрешно раселени лица се вратија во своите домови. Сепак, сѐ уште, околу 7 милиони луѓе остануваат раселени низ земјата, која штотуку се спаси од 14-годишната војна“, се вели во извештајот.

Во извештајот се истакнува дека има значително намалување на раселувањето од декември 2024 година, нагласувајќи дека враќањето во земјата се интензивирало по соборувањето на режимот на Башар ал Асад, при што 571.388 луѓе се вратиле во Сирија од странство од јануари 2024 година. Бројката на сириски бегалци кои се вратиле во земјата по ноември 2024 година изнесува 259.745.

Според податоците објавени во извештајот, 50 отсто од Сиријците кои се вратиле од странство, дошле од Либан, 22 отсто од Туркије и 13 отсто од Ирак.

Генералната директорка на ИОМ, Ејми Поуп, чии ставови се вклучени во извештајот, вели дека во Сирија продолжува големата хуманитарна криза и дека потребите се огромни.

Поуп истакна дека ИОМ го поддржува сирискиот народ во овој процес на закрепнување и додаде дека собирањето и анализата на податоците за враќањето е еден од начините да се направи тоа.

– Според ОН, речиси 1 милион луѓе во камповите во Сирија планираат да се вратат дома

Селин Шмит, портпаролката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, изјави дека речиси 1 милион внатрешно раселени лица кои живеат во северозападна Сирија планираат да се вратат во своите домови следната година.

Шмит ги сподели податоците од истражувањето на раселените луѓе во северозападна Сирија на неделниот брифинг со новинарите во Канцеларијата на ОН во Женева.

„Меѓу анкетираните постои голема емотивна желба да се вратат, но тие не треба да се соочуваат со бариери во пристапат до хуманитарна помош, вработување, можности за егзистенција и основни услуги“, рече Шмит.

Шмит истакна дека речиси 1 милион луѓе кои живеат во кампови и области на раселени лица во северозападна Сирија планираат да се вратат во своите домови во текот на следната година, од кои 600.000 ќе се вратат во рок од шест месеци.

По речиси 14 години од почетокот на кризата, Сирија се наоѓа на раскрсница.

На Сирија итно ѝ е потребна поддршка за реконструкција, бидејќи долгогодишниот конфликт ги уништи економијата и инфраструктурата, оставајќи 90 % од населението зависно од хуманитарна помош.

Посочувајќи дека има надеж и можности во новиот процес што започна по соборувањето на режимот на Башар Асад во Сирија, Шмит ја повика меѓународната заедница да одговори на овие долгорочни потреби.

 

извор:АНАДОЛИЈА