Недостигот се јавува во период кога тие до властите испорачаа барања и за поквалитетен третман со ленти и глукомери. Од Владата тврдат дека ги разгледуваат сите барања и иницијативи од здруженијата, вклучително и оние на пациентите.
Се будите едно утро и целиот ваш свет го сочинуваат броеви, вредности на гликемија, јаглехидратни единици, дози на инсулин и слично. Потоа ги осознавате сите слики на дијабетесот и се прилагодувате на тоа. Вака Гордана Јанева од Гевгелија накратко објаснува како е да се живее со дијабет, болест која му била дијагностицирана на нејзиниот помал син кога имал девет години.
Седум години подоцна, таа вели дека семејството поминало низ многу предизвици и периоди на адаптација. Во изјава за Радио Слободна Европа, Јанева посочува дека болеста се одразила не само врз животот на нејзиниот син, туку и на неа и нејзиниот сопруг.
Синот на Гордана е еден од оние 650 пациенти кои од Министерството за здравство добија бесплатни сензори за мерење гликемија, кои значително ја намалуваат потребата од боцкање по прстите за проверка на шеќерот.
„Користењето на сензорите навистина е олеснително и за децата и нас како родители, а и за сите лица со дијабетес. Со нив постојано, 24/7 имате увид во вредностите и аларми за предупредување при високи или ниски нивоа што може да бидат загрозувачки по животот, објаснува таа.
slobodnaevropa.mk