Доцна синоќа тројца повредени од пожарот во Кочани префрлени се на лекување во Атина

Синоќа по 22 часот, воен авион на грчкото воздухопловство Ц-130 полета од скопскиот аеродром, транспортирајќи тројца пациенти во критична состојба кон Атина. Повредените ќе бидат хоспитализирани во Општата воена болница 401, на одделот за третман на изгореници.

Грчката амбасада во Скопје на социјалните мрежи сподели фотографии од медицинската евакуација, нагласувајќи дека пациентите ќе добијат специјализиран третман.

„Нашите мисли и молитви се со нив. Солидарност со Северна Македонија“, напишаа од амбасадата.

Авионот вечерва полета од воениот аеродром во Атина, слета во Скопје за да ги преземе повредените, а потоа веднаш се врати назад.

Во Грција веќе се лекуваат петмина повредени во пожарот, распределени во две болници во Солун – Папаниколау и воената болница 424.

Покрај Атина, повредени од трагедијата во Кочани се транспортирани и во Белград, Виена и Загреб, каде што ќе добијат неопходната медицинска нега.

 

 

4news.mk