Трагедијата во Кочани ги разбранува преживеаните од романската дискотека „Колектив“, кои им ја понудија својата помош и поддршка на повредените во разорниот пожар и на нивните родители
Од 48 до 72 часа е „прозорецот на можности“ за безбедно транспортирање на жртвите од изгореници во специјализирани болници, вели Михаи Гречеа, еден од преживеаните во пожарот кој се случи во клубот „Колектив“ во Букурешт, на 30 октомври 2015 година.
Тој на Фејсбук објави отворено писмо до повредените и нивните родители во Северна Македонија, во кое објаснува што да прават и им вели дека е подготвен да им помогне.
„Повредените треба да бидат прегледани од специјалисти, бидејќи од тоа зависи нивниот живот“, продолжува Гречеа, кој е и член на Здружението „Колектив“.
Гречеа за Радио Слободна Европа изјави дека засега никој од Северна Македонија не контактирал со него.
“Сакаме да им помогнеме, бидејќи се во многу сериозна ситуација. Поминавме низ слична драма како оваа низ која тие поминуваат. А ние, пак, добивме помош”, вели Гречеа и додава:
„Во мојот апел им реков веднаш да побараат помош, да не ја повторуваат грешката што ја направивме ние во Романија. Би сакале да им помогнеме со тоа што ќе им пренесеме искуство од нашето закрепнување што го имавме во сите овие години по трагедијата. Здравствениот систем во Романија не беше подготвен да се справи со таква ситуација, а и Македонија веројатно не е“, изјави за РСЕ, Гречеа.
Михаи Гречеа имал 41 година кога се случи трагедијата во „Колектив“. Тој на 30 октомври 2015 година отишол во клубот во Букурешт за да го снима концертот на неговите пријатели од бендот „Goodbye to Gravity“.
По пожарот, тој беше во кома речиси еден месец, хоспитализиран во болницата Флореаска во Букурешт. Лекарите не се согласиле да го пренесат во странство, но кога шансите за преживување биле мали, користеле експериментален уред за да му ги спасат белите дробови.
Во трагедијата во „Колектив“, 26 млади луѓе изгореа живи вечерта на 30 октомври 2015. Истата вечер млада жена почина на пат кон болница.
Триесет и седум од повредените починаа во следните денови, поради тешката состојба и лошите услови во болниците. Вкупно имаше 186 повредени и 65 загинати. Еден од преживеаните лани извршил самоубиство.
Трагедијата во „Колектив“ откри дека Романија нема капацитет да лекува тешки изгореници. Болниците имаа болнички инфекции, поради што голем дел од хоспитализираните повредени починаа.
Властите веднаш по настанот рекоа дека Романија има се и не сака да ги испраќа ранетите во многу подобро опремени болници во странство.
Повеќе од една недела по пожарот, првите повредени заминаа во други земји: во клиниките во Холандија, Белгија, Израел, Австрија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство.
Во однос на состојбата со болниците за тешко изгорени пациенти, на Романија воопшто не ѝ оди добро, дури ни сега, повеќе од девет години по трагедијата „Колектив“, вели Гречеа.
Гречеа посочува дека стандардите од 2017 година биле променети со наредба на Министерството за здравство во 2024 година.
„Во моментов, овие стандарди се деградирани од министерот за здравство Рафила за да може да се воведат, или некако да се легализираат недостатоците што постојат во функционалната единица за изгореници во болницата Флореаска. Во основа, тие трансформираа центар за изгореници „од ведро небо“, бидејќи центарот за изгореници е болничката единица со највисока компетентност“.
Поради промената на овие стандарди, Романија во моментов повеќе не испраќа пациенти со големи изгореници во странство.
Романија е малку подобра во однос на изгорениците со средна сложеност
Преживеаниот од „Колектив“ вели дека во споредба со 2015 година, ситуацијата во Романија е малку подобра денес.
„Во смисла дека изгорениците со средна сложеност може безбедно да се третираат во Романија, во една од болничките единици во Темишвар, во болницата Флореаска во Букурешт или во болницата Свети Спиридон во Јаши. Овие три одделенија можат безбедно да третираат изгореници со средна сложеност без никакви проблеми“, вели Грeчеа и додава:
„За жал, таму лечат и многу тешки случаи, кои требало да бидат примени во специјализирани центри за изгореници, кои кај нас ги нема, а кои требало да бидат префрлени во странство“.
Романските лекари, смета тој, се многу поискусни денес во лекување на тешки изгореници, но нема доволно такви здравствени установи.
„И без материјална и технолошка опременост на болница, и последно, но не и најмалку важно, без стерилни услови специфични за лекување на пациенти со тешки изгореници, не можете безбедно да практикувате медицина“, додава Гречеа.
slobodnaevropa.mk