Таравари: Наредив експертски тим од МЗ да ги разгледа сите факти во случајот со смртта на 32-годишникот кој починал во Куманово

Министерот за здравство, Арбен Таравари утрово се огласи откако во болницата во Куманово починал 32-годишник.

Како што наведува министерот, постои револт кај семејството на Ведат Адеми и обвинуваат за лекарска грешка.

Јас сум на првата линија на кочанската трагедија и срцето ми е скршено деновиве, а за Ведат беше уште еден удар… Изразувам сочувство до семејството! Ја чувствувам болката на неговиот татко, кој со свои нозе го однел синот во болница! Го разбирам неговиот револт кон докторот за кој се сомнева дека направил лекарска грешка! Наредив експертски тим од Министертвото за здравство да ги разгледа сите факти и доколку тоа се докаже, ги повикувам правосудните органи строго да го спроведуваат законот! Без никаков компромис бидејќи грешките ни ги земаат најскапоцените работи, стои во објавата на првиот човек на македонското здравство.

Од семејството на Адеми претходно обвиниле дека од терапијата што лекарите му ја дале момчето имало тешка алергиска реакција и починало.

Случајот е пријавен во Кумановската полиција.

„На 17.03.2025 во 11:35 часот во СВР Куманово, од Општа болница Куманово било пријавено дека во болницата со влошена здравствена состојба бил донесен В.А.(32) од Куманово, по што му била дадена терапија, но по кратко време починал. По наредба на јавен обвинител телото било предадено за обдукција, а полициски службеници од СВР Куманово извршиле увид и извршиле разговор со сите присутни медицински лица. Се работи на расчистување на случајот“, стои во соопштението.