МВР: Кривична пријава против седум високи полициски функционери од СВР Штип и ОВР Кочани за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против В.П., В.Н., Ј.Т., Б.Г., В.И., Г.И. и А.М. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 став 2 во врска со кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 став 2 и став 3 од Кривичниот законик.

Првопријавениот В.П. – главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција при СВР Штип во времето на извршување на делото и второпријавениот В.Н. – самостоен инспектор за планирање, резервен состав, превенција и справување со кризна состојба во Одделение за полиција во СВР Штип, на 06.03.2023 до Министерство за економија доставиле известување каде, спротивно на член 6 став 3 од Законот за угостителска дејност, констатирале дека кабаре Пулс од Кочани ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај и покрај тоа што не извршиле целосна проверка пред да ја издадат позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре. Третопријавениот Ј.Т. – началник на Одделение за полиција во СВР Штип за време на извршување на делото и четвртопријавениот Б.Г., – началник на СВР Штип, на 06.03.2023 го одобриле и потпишале известувањето до Министерство за економија во кое е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај. Петтопријавениот В.И., – документарист во Полициската станица Кочани, на 06.03.2023 изготвил телеграма во која не дал точни и целосни податоци дека во и во близина на кабаре Пулс има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, односно дал податоци само дека против правното лице и против одговорното лице во правното лице се поднесени две барања за поведување прекршочна постапка. Додека, шестопријавениот Г.И. – заменик командир на Полициската станица Кочани и седмопријавениот А.М. – началник на Одделение за внатрешни работи Кочани во времето на извршување на делото, иако знаеле дека има повеќе пријавени нарушувања на јавен ред и мир во и во близина на кабарето, ја потпишале телеграмата, со што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за кабаре.

По наредба на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дадена е наредба за лишување на лицата и нивно спроведување на суд.