Партизацијата на институциите, невладеењето на правото и коруптивноста на системот доведоа до девастирана држава со нефункционални институции, што резултираше со неколку масовни несреќи од кои последната е во Кочани, вели претседателот на МАНУ, Живко Попов. Според него, потребна е целосна поддршка на енергичните напори и заложби на институциите на државата за расчистување на овие несреќи.
Но, според него, во овие моменти на длабока тага, сепак, има и нешто светло, а тоа е навремената и компетентна реакција на здравствениот систем и државните институции, пред се МВР и Јавното обвинителство, кои покажаа дека во тешки, кризни моменти сепак имаат капацитет да реагираат соодветно.
„Тоа дава надеж дека оваа држава доколку продолжи да се менува на ваков начин, нејзините граѓани ги очекува многу посветла иднина“, рече Попов во експозето на годишното собрание на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), коешто почна со минута молк во слава на жртвите во трагедијата во Кочани.
Ресетирање на системот
Претседателот на МАНУ верува дека е возможно рестартирање на државниот систем. „Доколку успееме на институциите да им го вратиме барем нивото кое го имаа при осамостојувањето на земјата, навистина ќе постигнеме огромен успех. Со вака конципирани институции, Македонија многу тешко ќе се справи со предизвиците што ја чекаат при отворање на поглавјата за членство во ЕУ“, рече Попов.
Според него, партизираноста е посебно видлива во јавната администрација, во агенциите, во регулаторните тела, кои треба да бидат независни, што„перманентно го ослабува квалитетот и капацитетот на дејствување на институциите и самата држава ја прави нефункционална“.
Осврнувајќи се на надворешната политика на земјава и нејзиното позиционирање во новата политичка констелација во светот, претседателот на МАНУ вели дека мора да се реагира мудро и навремено.
Според него, перспективата на евроинтеграциските процеси на државава е комплетно блокирана со ирационалниот спор со соседите и дека е многу позитивно и не треба да се пренебрегне тоа што има „битно подобрување на нашите односи со американската администрација предводена од претседателот Доналд Трамп“.
„Тоа на поголемиот дел од македонскиот народ му влева надеж дека може да добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор со Бугарија и во подобрувањето на релациите со Брисел. Македонија не може да биде поштедена од последиците на војната во Украина и таа мора да си го најде своето безбедно место во светот и за тоа сведочат дипломатските усилби на Владата, земјата да биде поддржана од повеќе стратешки партнери, што само може да и донесе корист на државата. Во ваква ситуација мора да се реагира мудро и навремено“, вели Попов.
Европскиот пат, додава тој, сепак, е наша единствена права и реална опција,бидејќи ние сме пред се Европејци, а исто така и Европската Унија е свесна дека европскиот континент никогаш нема да биде комплетен без Западниот Балкан. Затоа проширувањето на ЕУ повторно станува приоритет кој не смееме да го пропуштиме.
„ЕУ нам ни е потребна како високоразвиена економска и политичка заедница која може да ни помогне да ги достигнеме нејзините стандарди и вредности“, рече претседателот на МАНУ.
DW