Чет-ботот за вештачка интелигенција (ВИ) на Опен АИ со седиште во САД, ЧетЏПТ беше најпопуларна алатка за вештачка интелигенција (ВИ) во јануари, со 4,7 милијарди месечни посети, според податоците на веб-страницата АИ Тулс, јавува Анадолу.
И покрај падот на месечниот сообраќај поради појавата на кинескиот ДипСик, ЧетЏПТ остана на врвот на листата на АИ Тулс, која ги вклучува генеративните ВИ-алатки и другите со ВИ-функции.
На второ место е Канва онлајн алатка за графички дизајн, со 887 милиони месечни посети, а Гугл Транслате беше трет со 595 милиони.
Кинескиот ДипСик предизвика голем пад во употребата на четбот на САД и на американската берза бидејќи моделот Р1, ривал на премиум понудата на ЧетЏПТ, беше објавен бесплатно со целосно отворен код.
Бројот на корисници на ДипСик се зголеми над 2.000 отсто, достигнувајќи 268 милиони во јануари, што претставува најбрз раст на месечни посети меѓу ВИ-алатките, а бројот на корисници на ЧетЏПТ се намали за 2 отсто.
КарактерАИ зазеде петто место со 226 милиони, а потоа следуваат ЏаниторАИ со 200 милиони, Перплексити со 133 милиони и Гугл Џемини со 118 милиони месечни корисници.
Бројот на посетители на Џемини се намали за 9 отсто во јануари поради зголемената популарност на ДипСик.
Ремове.бг и Клауде имаа 112 милиони, односно 105 милиони месечни корисници.
Додека трката во развојот на вештачката интелигенција меѓу САД и Кина се заострува, листата покажува дека само една кинеска компанија успеала да влезе во топ 10, а другите алатки се од САД.