Рускиот претседател Владимир Путин предложи Украина, земјата која тој ја нападна, да се стави под администрација на ОН заради одржување избори. „Таква практика постои и во принцип може да се разговара за можноста за привремена администрација на ОН со САД, европските држави и – се разбира – и со нашите партнери и пријатели“, рече Путин за време на разговорот со морнарите на нуклеарна подморница.
Целта е да се одржат демократски избори на кои на власт ќе дојде влада способна да дејствува за мировен договор. „Со неа потоа ќе започнеме преговори за мировен договор, ќе потпишеме легитимни документи кои се признати во светот и се сигурни и стабилни“, рече Путин.
Барањето за надворешна администрација за Украина користи два аргументи од Кремљ. Москва тврди дека Украина е пропадната држава во која власта ја презеле националсоцијалистичките групи. Втората теорија е дека украинскиот претседател Володимир Зеленски повеќе нема мандат откако неговиот мандат истече минатата година. Според украинските устав меѓутоа, нови избори во земјата не се можни во време на воена состојба, поради руската окупација на големи области.
Путин повтори дека Русија претпочита мирно решение – „но не на наша сметка“. Тој е подготвен да преговара – исто така и со Европејците. Но, Русија нема да дозволи да биде измамена.
Во воена смисла, шефот на Кремљ уште еднаш се покажа уверен во победата. Руските вооружени сили според него веќе освоиле 99 отсто од областа Луганск и повеќе од 70 отсто од регионите Доњецк, Херсон и Запорожје, кои исто така беа анектирани од Москва. Путин тврди дека украинските војници се на работ на пораз: „Има причина да се верува дека им задаваме безмилосен удар”.
Вашингтон: Украинците одлучуваат за управувањето
На изјавите на Путин стигна реакција од Белата куќа во Вашингтон. Управувањето во Украина се одредува според Уставот и за тоа одлучува населението на земјата, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа на прашањето за одговор на коментарите на рускиот претседател Владимир Путин кој предлага привремена администрација за Украина.
DW