Обвинителството истражува сомневања за наместени тендери со мазут, но не и неговиот (не)квалитет. Царинската управа знаела дека фирмата РКМ се обидува да внесува сомнителен мазут. Термоцентралата Неготино каде се согорувал нема обврска за мерење на штетни емисии и не се знае што е согорено. Екологистите бараат проширување на истрагата на фирмите кои користеле штетно масло.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за местење тендери и перење пари при продажба на мазут, но не истражува „екоцид“, односно, дали увезвениот мазут сепак бил опасен за околината.
Како што објави пред две недели, под истрага се фирмата РКП и Пуцко Петрол, нивните сопственици Ратко Капушевски и Асмир Јахоски како и поранешнешни високи функционери во Државните електрани, поради сомнителен начин на набавка на мазут за Термоцентралата Неготино.
Но, во соопштението кое Обвинителството го испрати до јавноста никаде не се споменува истрага за екоцид, нешто што исто така со години ја вознемирува јавноста поради истражувањата на медиумите дека фирмата РКМ има обиди за увоз на штетно масло кое го декларира како мазут.
Ова го потврди за Радио Слободна Европа и Царинската управа која открила дека фирмата РКМ има обид за внес на енергенс кој го пријавила како мазут, но по хемиските својства не одговара на потребниот квалитет.
Во одговор за РСЕ од таму велат дека во периодот од 2021 до 2025 година во неколку наврати се вратени цистерни со мазут од граница.
„Од 2021 година испитани се 23 мостри при увоз на мазут, од коишто кај 6 се утврдени отстапувања од квалитетот и сите се вратени назад, односно цистерните со мазут не се пуштени во државата. Подетални податоци не можат да се споделат и истите се дел од истрагата што ја води Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција“ се вели во одговорот на Царинската управа за РСЕ.
Сомнежите за квалитетот на мазутот на фирмата на Ратко Капушевски, РКМ, кој беше функционер во времето на поранешната влада на ВМРО ДПМНЕ на премиерот Никола Груевски, ги отворија повеќе медиуми уште пред неколку години.
Пред еден месец пак Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага за тоа како фирматасо години добивала тендери за да ги снабдува државните електрани со мазут.
slobodnaevropa.mk