Премиерот Христијан Мицкоски денеска на собраниската седница за пратенички прашања излезе со предлог идната година да се спроведе вонреден електронски попис, но го услови тоа со усвојување на модел со една изборна единица „веднаш“.
Овој предлог уследи како одговор на пратеничкото прашање од Халил Снопче од Алијансата за Албанците, кој побара Владата да ја поништи одлуката за намалување на бројот на советници во општините, со оглед дека Уставниот суд вчера укина делови од методологијата за пописот од 2021 година.
– Уставниот суд оцени дека директорот на Заводот за статистика ги пречекорил надлежностите со тоа што внел категоризација на „резидентно“ и „нерезидентно“ население, без да има законска основа за тоа – рече Снопче.
Според него, оваа пресуда значи дека и одлуката за бројот на советници е невалидна, бидејќи се темели на податоците од тој попис.
4news.mk




