Како одговор на неодамнешните упади на беспилотни летала што го нарушија воздушниот сообраќај во Копенхаген и во данскиот град Алборг, Данска ги собира европските лидери во главниот град на 1 и 2 октомври на два самити за безбедност и одбрана.
Шведска и Германија обезбедуваат дополнителна заштита од беспилотни летала за својот сосед пред состаноците, од кои првиот ќе се фокусира на градењето на европската одбрана заедно со Украина и ќе ги вклучи лидерите на сите 27 земји-членки на Европската Унија.
Европската комисија испрати документ за дискусија, во кој имаше увид Радио Слободна Европа, за тоа кои воени проекти блокот треба да ги истакне за следните пет години со цел да се договори за подетален план кога лидерите повторно ќе се сретнат во Брисел на крајот на октомври.
Уште на самиот почеток, документот ги елиминира сите сомнежи за тоа зошто континентот треба да троши повеќе за одбрана, велејќи:
„Потребата за забрзување и зголемување на напорите ја одразува акутната и растечка природа на денешните опасности, како и еволутивниот пејзаж на закани со кој Европа и нејзините земји-членки мора да се соочат, да се прилагодат и да се подготват. Ова започнува со неиспровоцираната, целосна воена агресија на Русија против Украина, која достигнува нови височини на бруталност и насилство. Безобѕирните провокации против земјите-членки, од кибернапади до нарушување на воздушниот простор, се во пораст.“
Документот ги наведува четирите водечки проекти што Брисел треба да ги финансира: Европскиот ѕид за беспилотни летала, Источната стража, Штитот за воздушна одбрана и Штитот за одбранбен вселенски простор.
slobodnaevropa.mk




