Во Фондот за здравствено осигурување пристигнале 15 претставки од пациенти за сомнителни кардиохируршки интервенции, кои се препратени до Министерството за здравство за натамошно постапување. Ова денеска (3 октомври) го соопшти генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски кој рече дека пет од претставките се индивидуални, а десет се поднесени од установа.
Според него, досега се пристигнати вкупно 25 претставки од пациенти за сомнителни кардиолошки интервенции.
„Претставките опфаќаат различни периоди, најстарата е за нешто што се случило во 2010 година“, рече тој.
Клековски додаде дека во основа, има три категории поплаки, односно претставки: „едната е каде можно е да им е направена интервенција на пациенти, а немало потреба од тоа, втората е каде на пациенти требало да им се направи, а не им е направено тоа што требало да се направи, и третата се однесува на пациенти кај кои од тоа што е направено нема да има помош. Во смисла интервенциите кои се направени кај пациенти кои можеби се во терминална фаза нема да водат кон подобрување на нивната здравствена состојба или кон продолжување на животниот век“.
slobodnaevropa.mk




