Германските научници пронајдоа антитело против ХИВ

Од 1981 година, кога болеста стана позната, СИДА-та одзеде 44 милиони животи ширум светот. Таа се смета за една од најтешките епидемии во историјата на човештвото. Иако бројот на смртни случаи со текот на времето се намали, благодарение на едукацијата и превентивните мерки, луѓето и понатаму умираат од последиците на оваа болест. Во текот на 2024 година, од СИДА во светот починале околу 630.000 луѓе.

Поради тоа, откритието на Универзитетската клиника во Келн буди нова надеж дека може да претставува уште едно оружје во борбата против оваа болест.

Тестирани се повеќе од 800 антитела против ХИВ
Истражувачкиот тим предводен од Флоријан Клајн, директор на Институтот за вирусологија, ги проучувал примероците на крв од 32 лица. Сите тие се заразени со ХИВ, но самостојно – без терапија – развиле силен и широко делотворен имунолошки одговор преку антитела против вирусот.

Научниците во лабораторија тестирале повеќе од 800 различни антитела од тие примероци, испитувајќи ја нивната способност да го неутрализираат ХИВ вирусот. Едно од нив, со ознака 04_A06, се издвоило посебно. Ова антитело го блокира местото преку кое вирусот се врзува за клетките на домаќинот при инфекција. На тој начин го спречува влегувањето на вирусот во клетката. Кога вирусот ќе влезе во клетката, тој ги презема нејзините функции и ја користи за свое размножување, со што долгорочно го ослабува имунолошкиот систем.

Планот за производство на антитела се наоѓа во човечкиот имунолошки систем – во Б-лимфоцитите. Кога овие лимфоцити ќе дојдат во контакт со патогени, тие созреваат во плазма-клетки што создаваат големи количини антитела – меѓу нив и 04_A06. Истражувачите го дешифрирале генетскиот план за неговото создавање и успеале да го репродуцираат.

„Тоа значи дека повеќе не е потребно да се зема крв од пациенти,туку овој генетски план може да се вметне во друга клетка и да ѝ се каже: произведи го овој протеин – односно ова антитело“.

 

 

DW