Кос: Северна Македонија мора да ги донесе уставните измени за да напредува кон ЕУ

Европската комисија ги објави извештаите за напредокот на Северна Македонија и другите земји кандидатки во процесот на пристапување во ЕУ. Во кусиот осврт на еврокомесарката за проширување Марта Кос за земјава беше истакнато дека уставните измени остануваат пречка на патот кон ЕУ.

„Северна Македонија не презеде одлучни чекори да напредува во процесот на пристапните преговори во изминатата година. Таа мора да ги донесе уставните измени согласно заклучоците на Советот на Европа од 2022 година за да напредува на својот пат кон Европската Унија“, порача еврокомесарката за проширување, Марта Кос од Брисел, презентирајќи ги извештаите за напредокот на секоја земја кандидатка поединечно.

Таа сепак додаде дека остана целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика и ја продолжи техничката работа на патоказите и на Акцискиот план поврзани со Кластерот 1.

Во извештајот меѓудругото, се наведува дека „Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“.

„Северна Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка и не постигна никаков напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. Корупцијата останува распространета во многу области и е прашање од сериозна загриженост. Трагедијата од 16 март 2025 година во Кочани, за време на која пожар изгоре во клуб, при што загинаа 62, а беа повредени над 190 лица, откри трајни системски предизвици во врска со спроведувањето на антикорупциските мерки“, пишува во извештајот за Северна Македонија.

Во однос на борбата против корупцијата и организираниот криминал, во извештјот се нотира дека Северна Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка во борбата против сериозниот и организираниот криминал и постигна ограничен напредок во оваа област.

„Сè уште се очекува понатамошен напредок во усогласувањето со законодавството на ЕУ. Препораките на Комисијата од минатата година беа само делумно исполнети и остануваат важечки. Во наредната година, земјата треба особено: → да го подобри својот евиденција за истраги, гонења и пресуди во сите области на сериозен и организиран криминал, случаи на перење пари и финансиски криминал, со фокус на враќање на средства и конфискација на приходите од кривични дела“, стои во извештајот.

Во делот на судството, пак, се напоменува дека независноста и непристрасноста треба да се подобрат.

„Перципираното ниво на доверба во судството останува многу ниско. Надворешното и политичкото мешање остануваат сериозна загриженост“, нотира Европската комисија.

Северна Македонија не е во групата на земји за кои Кос нагласи дека постигнале „значителен напредок“ на патот кон ЕУ со отворањето на кластери и реформите што ги спроведуваат. Пофалени беа Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина.

 

 

 

slobodnaevropa.mk