По девет месеци „чекање“, Парламентот на Црна Гора на 12 ноември усвои одлука за приклучување на Армијата на Црна Гора во активностите на НАТО за воспоставување безбедносна помош и обука за Украина (НСАТУ).
За одлуката гласаа 44 пратеници, петмина беа против, а двајца беа воздржани.
Одлуката е донесена врз основа на предлогот усвоен од Советот за одбрана и безбедност на 7 февруари.
Членовите на Советот се согласија во тоа време дека активностите на припадниците на Армијата во рамките на НСАТУ можат да се спроведуваат исклучиво на територијата на една од земјите – членки на НАТО.
НАТО, меѓу другото, ќе ја координира обуката на украинските безбедносни сили.
Министерот за одбрана Драган Краповиќ изјави дека одлуката за продолжување на поддршката на Украина е донесена на самитот на НАТО во Вашингтон минатата година.
Демократската народна партија (ДНП), една од партиите на владејачкото мнозинство, се спротивставува на оваа одлука.
„Тоа може само дополнително да ги загрози нашите односи со Руската Федерација. Би било попаметно да се држиме настрана од конфликтите на никого“, рече Владислав Бојовиќ, пратеник на ДНП.
Ова е една од двете таканаречени „украински мисии“ по руската инвазија во февруари 2022 година во кои се очекува да учествува и Црна Гора. Другата ја организира Европската Унија(ЕУ).
И таа одлука – учеството на црногорски војници во Мисијата за воена помош на Европската Унија во Украина (ЕУМАМ) чекаше 9 месеци за усвојување во Парламентот, од септември 2024 до јуни 2025 година.
slobodnaevropa.mk




