Германија вработува негуватели и медицински сестри од странство

Повеќе од 300.000 луѓе ги напуштија своите земји во последниве години и сега работат во Германија, каде што се грижат за стари и болни лица. Тоа е добро за Германија – но дали е добро и за самите негуватели? Многу земји се борат за работна сила.

Научниците го користат терминот меѓународна миграциска индустрија. Миграцијата на работна сила во секторот за нега е високо професионализирана, нагласува за ДВ, Штефан Кордел, коавтор на студијата од Универзитетот Ерланген-Нирнберг. Јавните и приватните субјекти, па дури и поединечни болници или домови за стари лица, се натпреваруваат за квалификувани медицински сестри, но и за практиканти. Станува збор за економски интереси, вели Кордел.

Неговиот колега Тобијас Вајдингер, кој исто така работеше на студијата, вели дека во екстремни случаи изгледа вака: „Агенцијата за вработување бара од нас да испратиме пет ‘парчиња’ мигранти за следната година обука. Ако еден се врати во својата земја на потекло, тогаш едноставно бараат да се испорача следен. Нарачавме пет, па сакаме пет.“

Болниците и на социјалните мрежи покажуваат колку се важни луѓето со мигрантско потекло кои се дел од нивниот тим. Без миграција, германскиот сектор за медицинска нега би пропаднал, утврди Сојузната агенција за вработување: „Речиси секој четврти вработен во домовите за стари лица нема германско државјанство“, соопшти агенцијата.

Севкупно, секоја петта медицинска сестра доаѓа од странство. И ги има сè повеќе и повеќе: има недостиг од квалификувани работници, многу медицински сестри се пензионираат, а други ја напуштаат професијата поради преоптовареност.

Како се снаоѓаат негувателите и медицинските сестри со мигрантско потекло?
Покрај новите негуватели и медицински сестри од странство, во болниците и установите за нега на стари лица работат квалификувани работници кои имаат германски пасоши, но и мигрантско потекло. Исто така, има и бегалци, на пример од Сирија или од Украина. Сите тие се грижат болните и старите лица во Германија да добијат нега – засега, бидејќи потребата брзо расте во општеството кое старее. Како се снаоѓаат во Германија? Дали се снаоѓаат доволно добро за да останат?

Интердисциплинарен тим истражувачи на Универзитетот Фридрих-Александар (ФАУ) Ерланген-Нирнберг проучувал како да се воспостави одржливо вработување на медицински сестри со мигрантско потекло. Тие анкетирале медицински сестри, менаџери во болници и установи за нега, администратори, училишта за учење јазик, центри за советување, агенции.

Во студијата насловена како „Учество на медицински сестри со мигрантско потекло“, истражувачите илустрираат што е важно за нивната благосостојба – и на работното место и во нивниот секојдневен живот надвор од работата.

Разочарување во Германија
Во многу земји на потекло, обуката за медицински техничари не се одвива првенствено преку стручно образование, како во Германија. Оние кои не биле правилно информирани, дури во Германија сфатиле дека, наместо да извршуваат медицински задачи, тие поминуваат значителен дел од своето време во основна нега – како што се миење пациенти или помагање со оброци. Во нивните матични земји, ова често го прават членови на семејството или посебни негуватели.

Разочарувањето е огромно кога образованите медицински сестри од Филипините сфаќаат дека во Германија не им е дозволено да даваат интравенски инјекции или да вметнуваат катетри, вели Мјан Девеза-Грау од филипинската дијаспора ФилНетс за ДВ: „Тие не можат да го разберат тоа. Се прашуваат, зошто јас не можам да го работам тоа?“

Учење германски – тешко разбирливи дијалекти
„Морам да учам многу германски навечер. Затоа немам време. За викенд мора да се подготвиме за испитот и курсот по германски јазик. А во текот на неделата мора да одиме на курс по германски јазик“, вели една практикантка од Виетнам опишувајќи го својот секојдневен живот за време на обуката. На овој начин, речиси и да нема време за социјални контакти. Покрај тоа, има многу бирократија. Затоа менторска поддршка и разбирање меѓу колегите се уште поважни.

Практикантите и негувалителите посетуваат курсеви по германски јазик во нивните матични земји и носат со себе сертификати. Но, тие често чекаат долго време пред да можат да влезат во Германија. А во некои региони на Германија, луѓето зборуваат дијалекти кои се тешки за разбирање. Истражувачите на ФАУ препорачуваат да се нудат целни јазични курсеви покрај работата. За таа цел, институциите би можеле да се поврзат регионално.

 

 

 

DW