Конгреси и кадровски промени во ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ

Последниот месец од годината носи внатрепартиски дебати, кадровски промени и „проветрувања“ во македонскиот и албанскиот политички блок. ВМРО-ДПМНЕнајави редовен конгрес на 6 декември во Кавадарци, каде ќе учествуваат 800 делегати. Централниот комитет веќе разреши двајца претседатели на општински комитети поради злоупотреби.

Премиерот Христијан Мицкоски уште на почетокот на ноември најави конгрес и реконструкција на Владата. Генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски е овластен да ја утврди конечната листа на делегати, а формиран е организациски одбор за подготовка на настанот.

Демократската унија за интеграција ќе го одржи својот петти конгрес на 20 декември. Партијата најавува дека овој настан ќе биде клучен за дефинирање на понатамошниот политички, организациски и програмски правец.Генералниот совет на ДУИ веќе одржа седница со широка расправа за актуелните политички случувања и реформските процеси.

Лидерот Али Ахмети по локалните избори изјави: „Ќе спроведеме длабинска анализа, ќе ги обновиме нашите редови и ќе започнеме одново посилни“.

По слабите резултати на локалните избори, СДСМ започна кадровски и програмски промени. Лидерот Венко Филипче порача дека нема да замине од лидерската позиција. Но, најави освежување на раководството и го предложи Александар Трајановски за нов потпретседател на партијата. Трајановски е ортопед и трауматолог, поранешен директор на ТОАРИЛУЦ, и досега беше член на Извршниот одбор.

Оваа промена следи по оставката на потпретседателката Ана Чупеска и исклучувањето на советник од Карпош поради непочитување на партиските одлуки. СДСМ освои 126.066 гласови на советничките избори, што е значителен пад во споредба со претходните избори.

Коалицијата Вреди е преокупирана со пополнување на испразнетите министерски позиции во Владата, додека другите партии се подготвуваат за конгреси и кадровски освежувања. По изборот на Изет Меџити за градоначалник во Чаир, партијата подготви листа на предлози за нов вицепремиер и министри, која треба да биде доставена до Владата.

Декември е месец на големи одлуки за македонските партии. ВМРО-ДПМНЕ по победата на локалните избори се подготвува за конгрес, ДУИ најавува нова визија, СДСМ е пред сериозни кадровски промени, а Вреди се позиционира како значаен играч во владината структура.

 

 

DW