Сеопфатна регионална проценка на хидроморфолошките услови на реките низ Балканот открива забрзано и сериозно влошување на состојбата на последните недопрени водни текови во Европа. Според анализата, процентот на речиси природни реки се намалил од 30 проценти во 2012 година на само 23 проценти во 2025 година – загуба од 2.450 речни километри.
Реките во Албанија бележат најбрза деградација во регионот, пред сè поради интензивниот развој на хидроенергијата и насилната регулација на речните корита. Во Северна Македонија,пак, освен малите делови што припаѓаат на сливовите на Дунав и Струма, речиси целата територија е поврзана со сливот на реката Вардар. Иако многу планински текови сè уште имаат релативно висока еколошка вредност, делови од речната мрежа се значително изменети, особено на реките Црна и Треска, каде се изградени големите акумулации Тиквеш и Козјак.
Драматичен пад на недопрените реки низ Балканот
Извештајот „Хидроморфолошка состојба на балканските реки 2025“, нарачан од организациите Еуронатур и Ривервоч во рамки на кампањата „Спаси го синото срце на Европа“, анализира состојба на 83.824 километри реки во 11 земји. Резултатите покажуваат раст на сериозно изменетите речни делници и континуирано намалување на речиси природните реки.
Од поголемите реки опфатени со анализата, само 23 проценти остануваат во речиси природна состојба, 43 проценти покажуваат мали модификации, 27 проценти се умерено до значително изменети, а седум проценти се сериозно деградирани – најчесто поради изградба на брани и други зафаќања.
Најизразени негативни промени се регистрирани во сливовите на реките Дрина, Неретва, Вардар, Девол и Дрим. И покрај ова алармантно опаѓање, Балканот сè уште има значително поголем удел на недопрени и малку изменети реки во споредба со остатокот од Европа, што ја потврдува неговата улога како последно големо прибежиште на диви реки на континентот.
Албанија со најголема деградација, но и значајни заштитни чекори
Албанија бележи најстрмен пад на недопрените и малку изменети речни делови меѓу сите балкански држави. Хидроенергетскиот бум, неконтролираната регулација, црпењето вода и трансформацијата на поплавните подрачја драматично ги изменија речните екосистеми.
„Иако заштитата на реката Вјоса е исклучително важен успех, во последната деценија Албанија изгуби повеќе вредни речни делови отколку која било друга земја во регионот“, вели Улрих Ајхелман, извршен директор на Ривервоч, нагласувајќи дека заштитата мора да се прошири на целата држава, особено во контекст на евроинтеграциските процеси.
Извештајот нотира дека последните мерки за заштита успеале да зачуваат околу 900 квадратни километри речни и поплавни екосистеми преку стопирање на хидроенергетски проекти, прогласување нови заштитени подрачја и воведување забрана за мали хидроцентрали. Прогласувањето на Националниот парк „Дива река Вјоса“ се оценува како најзначајното достигнување за зачувување на реките во регионот.
.DW




