Мицкоски: Вечерва бев на Светосавската свечена академија, на настан кој со својата духовна и културна димензија не потсетува на трајните вредности што не поврзуваат

Денешниот ден посветен на светителот Сава ги истакнува просветата и духовното единство на српскиот народ, вклучително и на граѓаните кои живеат тука во Македонија, но во исто време е еден од камен темелниците на балканското духовно и културно наследство заедно со светлите ликови и датуми на останатите балкански народи.
Тие се нашата заедничка ризница и ние како генерација сме должни да ја негуваме меѓусебната почит и разбирање и на тој начин да ги продлабочуваме заедничките врски како народи.
Тука во Македонија со векови сме живееле токму така, како мозаик од различности, сме соработувале, сме се радувале на убавите работи, и сме тажеле заедно кога било тешко и заедно сме успевале да ги пребродиме сите предизвици. Доволно се делевме и спротивставувавме.
Кога соседите се почитуваат, кога културите се среќаваат и се надополнуваат, тогаш се отвораат нови можности и хоризонти за заеднички проекти, но и за трговија, за инвестиции, за млади кои учат еден за друг, еден од друг. Тоа е нашата иднина, иднината на регионот. Ние не сме осудени да живееме еден покрај друг, туку сме судбински врзани да работиме еден за друг, еден со друг, за подобро заедничко утре.