Украина е подготвена да го сподели своето искуство од бојното поле во борбата против иранските беспилотни летала „Шахед“, бидејќи Вашингтон и неговите партнери се соочуваат со слични закани на Блискиот Исток, соопшти украинската амбасада во Соединетите Американски Држави.
„Украина знае како да се одбрани од нападите со беспилотни летала „Шахед“, бидејќи нашите градови се соочуваат со нив речиси секоја вечер. Кога нашите партнери имаат потреба од тоа, ние секогаш сме подготвени да помогнеме“, изјави за РФЕ/РЛ украинската амбасадорка Олга Стефанишина на 6 март.
„Ова не се изјави, ние предлагаме конкретна, практична помош, нашето искуство и решенија. Ова ќе помогне во заштитата на човечките животи“, рече таа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот изјави дека Киев добил барање од Соединетите Американски Држави за „конкретна поддршка“ и им наложил на службениците да обезбедат потребни средства и експертиза за да помогнат во воздушната одбрана во Заливот.
Во текот на неделата, Зеленски, исто така, разговараше за потенцијалната украинска помош во борбата против иранските напади со лидерите на Обединетите Арапски Емирати, Катар, Јордан, Бахреин и Кувајт.
slobodnaevropa.mk




