Цената на нафтата скокна по нападите врз Иран и блокадата на Ормускиот Tеснец

Цената на нафтата на 9 март накратко се искачи на речиси 120 долари за барел, откако Израел викендов ја нападна енергетската инфраструктура на Иран, а Техеран го прогласи Моџтаба Хаменеи за нов врховен лидер. Вредноста потоа повторно се стабилизираше на околу 90 долари на 10 март.

Продлабочувањето на воениот судир го засилува ризикот по енергетската инфраструктура на Блискиот Исток, каде што производителите веќе трпат штети и се соочуваат со блокада на најкритичниот поморски коридор за транспорт на нафта.

Бидејќи производителите немаат доволно складишта за да го одржат производството, се наметнува прашањето: дали земјите од Персискиот Залив ќе бидат принудени да го запрат производството за само неколку дена?

Зошто заканата за запирање на производството стана толку сериозна?
Главните производители — Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар, Кувајт и Бахреин — се најдоа меѓу линиите на огнот во конфликтот меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга.

Иран започна напади врз енергетски постројки, аеродроми, хотели, станбени објекти и американски бази во регионот, со што предизвика остри реакции и закани со можна воена одмазда.

Најголем притисок создава фактичкото затворање наОрмускиот Теснец — тесниот премин меѓу Иран и Оман преку кој поминува околу една петтина од светската понуда на сурова нафта. Прекинот на сообраќајот таму е најлошо можно сценарио за глобалниот пазар.

Според анализите на компанијата за анализа на поморски сообраќај „Кплер“, запрен е речиси целокупниот комерцијален поморски транспорт – што го прави ударот врз снабдувањето уште поголем.

Што се случува со резервите и складиштата?
Танкерите што превезуваат нафта и течен природен гас (ЛНГ) се заглавени и производителите очекуваат дека теснецот повторно ќе се отвори. Саудиска Арабија и ОАЕ имаат алтернативни рути преку Црвеното Море и Оманскиот Залив, но останатите држави од Заливот зависат речиси исклучиво од сопствените складишта, кои брзо се полнат.

ЏП Морган проценува дека земјите од Заливот имаат капацитет да складираат вкупно 343 милиони барели — што само го одложува прекинот. Нормално, низ Ормускиот Теснец секој ден минуваат околу 15 милиони барели сурова нафта и над четири милиони барели рафинирани деривати. Банкaта пресметува дека на 28 февруари заливските држави имале резерви доволни за само 22 дена непречена работа.

 

 

 

DW