Русија најавува блокада на казахстанската нафта за Берлин

Русија од први мај планира да го сопре извозот на нафта од Казахстан за Германија што се одвива преку нафтоводот „Дружба“, со што ја загрозува клучната рафинерија од која се обезбедува огромно количество на дизел, бензин и масло за греење за потребите на германскиот главен град. Рафинеријата ПЦК, која се наоѓа во градот Швет на околу 100 километри северно од Берлин, резервите на нафта ги добива преку нафтоводот. Претходно рафинеријата беше управувана од рускиот нафтен гигант „Роснефт“, но германската влада ја презеде оперативната задача по целосната инвазија на Москва врз Украина во февруари 2022 година. Од тогаш рафинеријата увезува казахстанска сурова нафта во зголемени количини, која се транспортира од централноазиската држава преку руска територија до Берлин. Германското сојузно Министерство за економија и енергетика ја потврди информацијата за ДВ. „Роснефт Германија ја информираше Сојузната агенција за мрежи дека според упатствата од руското Министерство за енергетика, транзитот на казахстанска сурова нафта преку нафтоводот Дружба низ руска територија до рафинеријата ПЦК е забранет почнувајќи од први мај 2026 година“, соопштуваат од министерството. „Руската Федерација сè уште на германската влада не ѝ ја потврдила информацијата. Роснефт Германија моментално ги разгледува импликациите и ќе се прилагоди на сите промени во ситуацијата“, додаваат од министерството. Прва веста ја објави новинската агенција Ројтерс во вторникот, 21 април, цитирајќи повеќе извори од индустријата.

 

 

DW