Македонија е најевтина дестинација за сместување во Европа во 2026

Од викенд одмор за неколку десетици евра до луксузни ноќевања што надминуваат 200 евра – Европа во 2026 година нуди драматични разлики во цените на сместување. Најновата анализа на платформата AirDNA, која ги следи трендовите на краткорочно изнајмување, покажува дека Балканот станува најисплатлив избор за туристите, додека најпрестижните дестинации продолжуваат да диктираат високи цени.

С. Македонија, Косово, Молдавија, Србија и Босна и Херцеговина се најевтините земји за посета во Европа, додека Монако, Исланд, Андора, Швајцарија и Обединетото Кралство се најскапите земји за изнајмување станови за одмор.

С. Македонија е најевтината дестинација во Европа за краткорочно изнајмување, бидејќи просечната цена за сместување е 39,81 евра за ноќ. Туристите најчесто резервираат релативно доцна, во просек 13 дена однапред, и престојуваат околу 4,4 ноќи.

Најпосетувани се Скопје и Охридското Езеро, кое нуди автентично европско искуство по значително пониски цени, се наведува во анализата на платформата AirDNA, која ги следи трендовите на краткорочно изнајмување.

Статистика: најголем број туристи од Германија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во март годинава биле реализирани вкупно 134.233 ноќевања во Македонија, од кои 26,5 % се од домашни, а 73,5 % од странски туристи. Во периодот од јануари до март, вкупниот број туристи е зголемен за 5,2 % во однос на истиот период лани. Притоа, кај домашните туристи има раст од 1,3 %, додека кај странските растот изнесува 6,9 %.

Најголем број странски туристи во март 2026 година дошле од Германија – 9.645, Турција – 9.090, Франција – 4.945 и Србија – 3.955. Овие показатели укажуваат на растечки интерес кај странските посетители, што дополнително ја зајакнува позицијата на земјата како атрактивна и достапна туристичка дестинација.

Најевтини дестинации во Европа
Со почетокот на новата туристичка сезона, буџетот за одмор е главен фактор за изборот на дестинација. Анализата на платформата AirDNA покажува дека Европа нуди екстреми – од најприфатливи до најскапи пазари за сместување.

Истражувањето ги анализира просечните дневни цени (АДР), пополнетоста, времето на резервација и должината на престојот, со што се издвојуваат најевтините и најскапите дестинации за 2026 година.

Во анализата се наведува дека Косово е меѓу најмалку посетените, но и најдостапни дестинации, со АДР од 41,63 евра. Патниците резервираат во последен момент – само 7 дена однапред, што е најкраток рок во Европа. Просечниот престој изнесува 4,9 ноќи, а земјата најчесто се посетува како дел од поширока балканска тура.

Следна на листата е Молдавија, позната по винските региони и манастирите, нуди поволни цени од 45,49 евра. Истовремено има највисока стапка на пополнетост меѓу евтините дестинации, што укажува на растечка популарност. Туристите најчесто престојуваат околу 5,4 ноќи.

Меѓу поевтините дестинации и е Србија со просечна цена од 51,17 евра по ноќ, а Белград е најпосетуваната дестинација. Освен главниот град, туристите ги посетуваат Нови Сад, винските региони во Шумадија и природните паркови покрај Дрина. Просечниот престој изнесува 4,5 ноќи.

Со просечна цена од 56,33 евра, Босна и Херцеговина ја заокружува листата на најдостапни дестинации. Сараево привлекува најмногу туристи, кои престојуваат околу 3,8 ноќи, додека Мостар и руралните предели на Херцеговина се исто така меѓу најпосетуваните.

Најскапи дестинации за ноќевање
Европските луксузни и ексклузивни дестинации остануваат значително поскапи, особено во периоди на висока побарувачка. Монако е најскапата дестинација во Европа. Побарувачката е исклучително висока, особено за време на настани како Формула 1. Просечното време за резервација е 63 дена однапред, а престојот изнесува 3,8 ноќи.

Во Исланд, предводен од главниот град Рејкјавик, може да се преноќи за 209,90 евра, но патувањата бараат внимателно планирање, со просечно време на резервација од 73 дена, што е најдолго во Европа.

И Андора е позната скапа дестинација за зимски и летен туризам, со цена од 188,57 евра по ноќ, со слични цени како и Швајцарија, која важи за луксузна дестинација со просечна цена од 184,26 евра.

 

 

DW