Германија и Франција предлагаат нов, поедноставен, пристап во проширувањето на ЕУ за земјите од Западниот Балкан. Во заеднички документ насловен „Нов моментум за проширувањето“ во пресрет на СамитотЕУ–Западен Балкан, кој денеска (05.06.2026) започнува во Тиват, Црна Гора, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон предлагаат да се „внесе нова динамика“ во пристапниот процес преку намалување на „претерано формализираните пречки“ за меѓуфазните чекори, отворање на „сите релевантни преговарачки кластери“ предложени од Комисијата и воведување „елементи“ за постепената интеграција да стане „поструктурирана“.
Документот претставува разработка на писмото што германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна го упати до челниците на институциите на ЕУ. За разлика од писмото на Мерц, од кое две третини беа посветени на Украина, нон-пејперот е целосно фокусиран на Западен Балкан и Молдавија.
Паралелно со предлогот на Германија и Франција, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во интервју за „Јуроњуз“ предложи поедноставувањето на процесот на преговори за земјите-кандидати.
„Во моментов треба да се гласа повеќе од 40 пати во текот на целиот (пристапен, н.з.) процес“, рече Коста додавајќи дека ЕУ бара начини како да го скрати тој процес.
На овој начин, вели Кошта, можат да се надминат и проблемите кои произлегуваат од билатералните спорови меѓу земји-членки и кандидати, додавајќи дека „билатералните прашања“ што можат да ја закочат кандидатурата на една земја треба да се „решаваат“ меѓу засегнатите држави, со поддршка од институциите, но без тоа да им наштети.
Нов пристап кон проширувањето на ЕУ
Во документот на Германија и Франција се нагласува дека политиката на проширување треба да добие нов поттик, со цел Европската Унија да се заокружи како вистинска европска унија.
„За да ја претвориме оваа амбиција во реалност и да внесеме нова динамика, мора да обезбедиме дополнителни поттикнувања како дел од процес на постепена интеграција заснована на заслуги. Истовремено, потребно е поедноставување на сегашниот процес за да стане поефикасен и да овозможи побрза и подлабока интеграција врз основа на Копенхашките критериуми“, се наведува во нон-пејперот.
Според текстот, за кој се очекува да се дискутира денеска на состанокот во Тиват, се предлага нов пристап што ќе ги намали прекумерно формализираните процедури и ќе ја поедностави сегашната методологија — на пример, преку спојување на одредени чекори во процесот.
Дополнително, во нон-пејперот се наведува дека, „со целосна согласност на земјите членки, треба да се забрза отворањето на сите релевантни преговарачки кластери кога тоа ќе го предложи Европската комисија“.
DW




