Средба во Софија: Покрај уставните измени, има и нови барања

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова,по средбата со бугарската потпретседателка Илијана Јотова во Софија, изјави дека уставните измени не се единствениот услов за деблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија. Таа посочи дека постојат и дополнителни барања поврзани со протоколите и работата на историската комисија, нагласувајќи ја потребата од отворен дијалог и појасни гаранции во однос на процесот со ЕУ.

Сиљановска-Давкова: И други барања освен уставните измени
По средбата на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија, Сиљановска-Давкова изјави дека разговорите откриле поширока слика за условите што се поставуваат.

„Не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на историската комисија“, изјави таа. Претседателката посочи дека целта на средбата била да се слушнат позициите на другата страна и да се даде шанса за понатамошни разговори.Порака за дијалог, наместо условувања

Сиљановска-Давкова нагласи дека е неопходен конструктивен дијалог меѓу Скопје и Софија, наместо дополнителни условувања што го усложнуваат процесот. „Сакавме да ги слушнеме нивните позиции и да дадеме шанса на разговорите, наместо да останеме во монолог“, рече таа.

Таа додаде дека засега може да открие само дека барањата не се ограничени на уставните измени, што укажува на комплексноста на преговарачката рамка.

Повик за почитување на европските стандарди и пресуди

Македонската делегација, предводена од претседателката, ги изложила националните позиции, со посебен акцент на обврските на земјите-членки во однос на човековите права. Сиљановска-Давкова потенцираше дека сите членки на Советот на Европа, кои се и дел од ЕУ, имаат обврска да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Пресудите важат за сите и мора да се применуваат од сите држави“, нагласи таа.

Според претседателката, дури и кога нема непосредни резултати, важно е да се одржува комуникацијата. Таа смета дека претставниците на двете земји треба почесто да се среќаваат и да разговараат, бидејќи само преку континуиран дијалог може да се надминат разликите.

По официјалниот дел од самитот, Сиљановска-Давкова одговараше на прашања од бугарските медиуми, при што нагласи дека одлуките за уставните измени не зависат од еден човек.Таа истакна дека Македонија е правна држава и дека процесите се водат во согласност со уставот и демократските принципи.

 

DW