Иранците тешко купуваат храна поради поскапувања

Жителите на Техеран за ДВ изјавуваат дека сè потешко ги покриваат основните трошоци, бидејќи цената на секојдневните производи расте од недела во недела.

Властите во Иран се обидуваат да го ублажат притисокот врз потрошувачите преку ваучери за храна и зголемување на минималната плата. Сепак, дел од жителите на главниот град велат дека и покрај овие мерки, едвај успеваат да врзат крај со крај.

Условите за живот на обичните Иранци стануваат сè потешки, бидејќи војната и санкциите дополнително ги продлабочуваат долгогодишните економски проблеми. Иако властите воведоа повисоки плати и ваучери за храна со цел да ги заштитат домаќинствата со ниски примања, многумина тврдат дека мерките не го следат ценовниот раст.

Во март, месечната минимална плата во Иран беше зголемена за 60%, односно за 166 милиони ријали (околу 120 долари). Но за повеќето домаќинства најочигледниот показател за кризата не е инфлацијата на хартија, туку брзината со која поскапуваат основните намирници.

Еден жител на Техеран за ДВ вели дека цената на оризот пораснала за 9% за само две недели. Слични зголемувања има и кај други производи, како сладоледот. Според него, цените растат од недела во недела, додека платите се коригираат само еднаш годишно.

Иако владата тврди дека системот на ваучери за храна треба да го олесни товарот на домаќинствата, многу Иранци сметаат дека поддршката не успева да ги следи поскапувањата. Истиот соговорник наведува дека откако се воведени ваучерите, цената на пилешкото месо пораснала повеќе од двојно, додека млекото поскапело за речиси 50%. Вредноста на ваучерот, пак, останала непроменета.

Некои семејства, доколку имаат заштеди, купуваат наголемо храна, детергенти и средства за хигиена, со цел да се обезбедат пред нови поскапувања.

Полните рафтови не значат и достапност
Војната со САД и Израел дополнително ги влоши економските проблеми на Иран. Бидејќи решението на конфликтот сѐ уште не е на повидок, снабдувањето со нафта, гас и ѓубрива останува нарушено.

Ова има директно влијание врз домаќинствата: кога растат цените на горивата, транспортот и увозот, тоа се рефлектира низ целата економија.

Резултатот е ситуација во која изобилието и сиромаштијата постојат паралелно. Рафтовите во продавниците се полни, но за сè повеќе луѓе цените стануваат недостижни. Проблемот повеќе не е недостигот на стоки, туку падот на куповната моќ.

Дури и кога државата ја зголемува минималната плата, тоа има ограничен ефект во услови кога цените се менуваат неделно, субвенциите брзо ја губат вредноста, а семејствата се принудени постојано да ги намалуваат количините што ги купуваат.

Сопственик на супермаркет во Иран вели дека секојдневно сведочи како цените растат побрзо од платежната можност на купувачите. Клиентите кои порано купувале неколку килограми ориз, сега купуваат значително помалку. Според него, луѓето веќе не можат да си дозволат ни основни производи во вообичаени количини.

Поради долгогодишната висока инфлација, цените најчесто се изразуваат во „томани“ наместо во официјалната валута – ријал. Еден томан вреди 10 ријали, а оваа практика им олеснува на граѓаните секојдневни трансакции, со оглед на високите номинални износи.

Сепак, официјално валутата останува ријалот, што создава долгогодишен јаз меѓу службената и практичната употреба на парите.

Најтешките моменти, според трговецот, се кога деца доаѓаат во продавницата и бараат нешто што чини 10.000 томани – сума за која денес речиси и да не може да се купи ништо. Тој истакнува дека во својата долгогодишна работа никогаш не видел луѓе толку очајни да ги набават најосновните производи.

 

 

 

DW