Пред 35 години Германија и Полска се осмелија на нов почеток

На 17 јуни 1991 година полскиот премиер Јан Кшиштоф Белецки и германскиот сојузен канцелар Хелмут Кол во Бон, тогашното седиште на германската влада, го потпишаа Договорот меѓу Сојузна Република Германија и Република Полска за добрососедство и пријателска соработка. Овој договор овозможи нов почеток на германско-полските односи по децении непријателство и недоверба.

35 години подоцна, двете држави, кои во меѓувреме станаа блиски партнери во Европската Унија (ЕУ) и НАТО, сакаат да ја одбележат годишнината со голем настан во Берлин — Германско-полскиот форум. Парламентите се огласија веќе претходно. Полскиот Сенат, на 10.06.2026 година го оцени договорот како „фундамент на новиот поредок во Европа по падот на Железната завеса“ и „пробив“ во полско-германските односи.

Истиот ден, германскиот Бундестаг дебатираше на темата „Цврсто пријателство во мир и слобода — 35 години нов почеток во германско-полските односи“. „Германците денес се благодарни што Полска тогаш ни пружи рака со Договорот за соседство и ја прифати раката што ние ја понудивме“, изјави пратеникот на ЦДУ, Кнут Абрахам, кој од мај 2025 година е координатор за германско-полска меѓуопштествена и прекугранична соработка.

Непријателство и недоверба
По Втората светска војна, односите меѓу Полјаците и Германците ги одбележаа непријателство и недоверба. Во центарот на конфликтот со Сојузна Република Германија беше спорот околу признавањето на границата Одра-Ниса, кој беше вешто поттикнуван од пропагандата на комунистичкиот режим во Полска. Источната политика на Вили Брант во 1970-тите донесе нормализација, но не успеа да постигне пробив во односите меѓу двете нации.

Вистински нов почеток стана можен дури со демократските промени во Полска во 1989 година и повторното обединување на Германија во 1990 година. Конечното потврдување на западната граница на Полска на 14 ноември 1990 година и последователниот договор за пријателство создадоа основа за партнерство.

„Со договорот ставивме крај на минатото и поставивме темел за идната соработка“, истакна во изјава за ДВ Марек Кшакала, пратеник од владејачката партија Граѓанска коалиција (КО). Без поддршката на Германија, пристапувањето на Полска во ЕУ (2004) и НАТО (1999) би било многу потешко, додаде претседателот на полско-германската парламентарна група.

Заедница на интереси со Германија
Првиот некомунистички полски министер за надворешни работи, Кжиштоф Скубишевски, по преземањето на функцијата во 1989 година ја прогласи полско-германската заедница на интереси за цел на својата политика. Започна тешко градење на тесна „мрежа на односи“ — термин што го користи германскиот ополномоштеник за Полска, Абрахам — во политиката, економијата, културата и пограничните региони.

Листата на достигнувања е долга. Денес постојат стотици германско-полски партнерства меѓу градови, училишта, спортски клубови и противпожарни единици. Повеќе од три милиони германски и полски млади луѓе учествувале во размена на млади. Германско-полската трговска размена минатата година за првпат надмина 180 милијарди евра; Полска со тоа стана петти најголем трговски партнер на Германија, веднаш зад Франција. Германското малцинство во Полска и Полјаците во Германија добија нови можности за развој.

Тежината на минатото
Сепак, со текот на времето почетниот полски ентузијазам кон партнерот западно од Одра постепено се претвори во сè поголем скептицизам, а погледот кон Германија стана покритичен. Особено тешкото минато повторно и повторно ги стигнуваше Германците и Полјаците. Кон крајот на 1990-тите, тогашната претседателка на Сојузот на протерани лица, Ерика Штајнбах, предизвика немири во Полска со својот проект за Центар против протерувањата. Концептот, насочен кон страдањата на Германците, беше доживеан како релативизирање на германската вина во Втората светска војна.

Полските десничарски конзервативци, кои отсекогаш биле скептични кон Германија, препознаа дека со антигерманска реторика може да се освојат политички поени во Полска. Јарослав Качински, чија партија Право и правда (ПиС) владееше во периодите 2005–2007 и 2015–2023, го обвини Берлин дека сака да создаде „Четврти рајх“ и со помош на ЕУ да ја стави Полска „под германската чизма“.

Владата на ПиС во 2022 година официјално го стави прашањето за воените репарации на политичката агенда на Полска. Полските загуби од германската окупација 1939–1945 се проценуваат на 6,2 билиони злоти (1,4 билиони евра).

„Нашите претходници се обидуваа да ги убедат луѓето дека Германија е наш непријател. Но, огромното мнозинство од полското општество не го дели тоа мислење“, вели Марек Кшакала. „Добрите односи со Германија се наш државен резон, особено за време на војната на Русија против Украина“, додава пратеникот од КО.

Жртвите од војната сè уште чекаат „хуманитарен гест“
Сепак, желбата за обесштетување не е ограничена само на десничарските конзервативни и екстремни кругови. Бидејќи Берлин строго ги одби сите барања за репарации, со години се зборува за „прагматично решение“ за сè уште живите жртви на војната. Нивниот број се проценува на 50.000 — и се намалува секоја година.

Германскиот предлог да се обезбедат околу 200 милиони евра за оваа група жртви во летото 2024 година беше одбиен од полската страна како недоволен. Нова понуда од Берлин може најрано да биде разгледана во буџетот за 2027 година. Полскиот либерално-конзервативен премиер Доналд Туск, кој во врска со ова прашање е под внатрешнополитички притисок, неодамна изјави дека ѝ дава на германската страна „уште малку време“.

 

 

DW