Северна Македонија ќе ја менува политиката за доделување „златни пасоши“ на странски инвеститори, но без целосно укинување на државјанствата поради економски причини. Државата предлага да се смени регулативата со која досега беше утврдена конкретна сума за инвестиција со цел добивање на пасош.
Измените доаѓаат по препораки на Европската комисија и со цел да се спречат злоупотреби и безбедносни ризици.
Безбедносен ризик и препораки од Европската комисија
Според предлог-законот, кој е објавен на ЕНЕР, клучна причина за измените коишто ги изготви Министерството за внатрешни работи (МВР) е Извештајот на Европската комисија, во кој се наведува дека доделувањето економски државјанства претставува сериозен безбедносен и миграциски ризик.
Комисијата препорачува државите да се воздржат од доделување државјанства врз основа на минимален праг на инвестиција. Овие програми, познати како „златни пасоши“, се оценети како некомпатибилни со европските вредности, особено по пресудата против Малта од 29 април 2025 година.
Од МВР за ДВ велат дека примарната цел на предложените законски измени е допрецизирање на одредбите од Законот за државјанство, со што ќе се овозможи нивна поефикасна практична примена.
„Согласно извештајот и препораките на Европската комисија, доделувањето државјанство на странци од економски интерес може да претставува миграциски и безбедносен ризик, особено поради различните критериуми што се применуваат“, велат од МВР.
Оттука, целта е преку појасна нормативна рамка да се елиминираат потенцијални злоупотреби, да се воведе поголема контрола и да се обезбеди целосна усогласеност со правото на Европската Унија.
Усвојувањето на предложените законски измени, според МВР, во никој случај не значи дека се укинува критериумот поврзан со инвестирање, туку само се елиминира можноста за негова „трансакциона“ злоупотреба. Досега, странските инвеститори можеа да добијат македонски пасош ако инвестираат најмалку 400.000 евра во реален сектор или 200.000 евра во инвестициски фонд.
Што се менува за странските инвеститори?
Со законските измени се укинуваат фиксните парични износи за стекнување државјанство. Новиот модел предвидува мислење од надлежни институции: секој случај ќе се разгледува поединечно, со оценка дали постои особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство и инвестицијата по автоматизам повеќе нема да го гарантира тоа право.
Паралелно, државата воведува олеснувања за своите иселеници. Министерството за внатрешни работи предлага рокот за повторно стекнување државјанство да се скрати од три години на три месеци. Мерката е дел од стратегијата за привлекување на кадри и зајакнување на економијата.
DW




