Голем дел од Западна Европа се соочува со интензивен топлотен бран, со невообичаено високи температури – од Обединетото Кралство и Ирска на север, преку Германија и Франција, па сѐ до Шпанија и Италија.
Невообичаеното пролетно време е резултат на таканаречената „топлотна купола“. Овој силен, бавно движечки атмосферски систем со висок притисок од северна Африка го задржува топлиот воздух над Европа, слично како капак врз сад со вода која што врие.
Според ЕУ-службата за климатски промени „Коперник“, ваквите временски системи станаа почести во Европа во последните 25 години, што придонесува за почести и поинтензивни топлотни бранови.
„Температури од вакви размери некогаш беа исклучок дури и во врвот на летото“, вели Фридерике Ото, професорка по климатски науки на Империјал колеџ Лондон. „Оваа рекордна жештина ги носи сите белези на климатските промени.“
Европа се загрева двојно побрзо
Сѐ уште е рано да се утврди колку овој најнов екстремен топлотен бран е засилен од ефектот на стакленичките гасови предизвикан од емисиите од фосилни горива.
Но, претходни анализи на повеќе од шест топлотни бранови во Европа од 2003 година наваму, спроведени од климатски научници од британската организација „World Weather Attribution”, чиј коосновач е Ото, покажуваат дека екстремното време било „многу поверојатно и поинтензивно поради климатските промени предизвикани од човекот“.
Најновиот извештај за состојбата на климата во Европа, објавен во април, наведува дека најмалку 95% од континентот во 2025 година искусил температури над годишниот просек. Интензивни топлотни бранови над 30 Целзиусови степени биле почувствувани дури и близу Арктичкиот круг, а температурата на површината на морето била „највисока досега забележана“.
„Европа е континентот што најбрзо се загрева, а последиците веќе се сериозни“, нагласува Флоријан Папенбергер, раководител на Европскиот центар за среднорочни временски прогнози, една од институциите кои стојат зад извештајот.
Навистина, Европа се загрева двојно побрзо од глобалниот просек. Просечната температура се зголемила за 2,5 Целзиусови степени во споредба со прединдустриското ниво од крајот на 19 век. На глобално ниво, аналитичарите забележале просечно зголемување од 1,4 степени.
DW




