Во Охрид денеска се одржа работна средба со постојаните делегати – амбасадори и претставници при УНЕСКО од државите-членки на Комитетот за светско наследство, во рамки на нивната тридневна посета на Македонија. Посетата претставува возвратна активност по неодамнешната средба во Париз, Франција, со што се потврдува континуираната соработка со УНЕСКО.
Високата делегација ја сочинуваа постојаните претставници од Бангладеш, Либан, Кенија, Полска, Турција, Перу и Монголија.
На средбата, покрај градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, присуствуваа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за култура и туризам и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, градоначалникот на Струга, Менди Ќура, градоначалникот на Дебрца, Златко Силјаноски, пратеници, владини претставници и функционери.
Во фокусот на разговорите беа активностите што институциите ги преземаат за заштита, зачувување и одржливо управување со Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство на УНЕСКО. Беше нагласена важноста од континуирана соработка меѓу локалната и централната власт, надлежните институции, УНЕСКО и Република Албанија, со цел доследна имплементација на препораките и долгорочна заштита на исклучителната универзална вредност на регионот.
Градоначалникот на Охрид информираше за тековните проекти и активности на општината насочени кон зачувување на статусот на регионот, нагласувајќи ја посветеноста кон спроведување на УНЕСКО препораките и одржливо управување со наследството. Тој истакна дека заштитата на Охридскиот Регион претставува заедничка одговорност и стратешки приоритет од национално и меѓународно значење.




