Танкер за нафта погоден од проектил во Ормускиот теснец

Нафтен танкер бил погоден во Ормускиот теснец од „непознат проектил“, соопшти рано во вторник британската Служба за поморски трговски операции (УКМТО).

Бродот бил погоден „на левата страна, што предизвикало пожар, додека пловел кон југ“, соопшти УКМТО. Инцидентот се случил источно од Лимах, Оман.

Танкерот бил нападнат откако ги игнорирал предупредувањата, објави иранската државна телевизија, без директно да преземе одговорност за нападот.

Американскиот медиум Аксиос, повикувајќи се на американски функционер, објави дека Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) извршила напади врз два комерцијални брода што пловеле низ Ормускиот теснец.

Не се регистрирани жртви ниту еколошки последици, но двата брода претрпеле значителна штета, според извештајот на Аксиос

Тензиите во Ормускиот теснец продолжуваат и покрај американско-иранското примирје
Инцидентот се случил и покрај примирјето меѓу САД и Иран, како и преговорите за постигнување договор за ставање крај на конфликтот меѓу двете земји.

Ормускиот теснец е една од најзначајните светски поморски трговски рути и има клучно значење за глобалните енергетски пазари.

Како дел од преговорите меѓу двете земји, САД се обидоа да го убедат Иран да се врати на состојбата пред војната и да дозволи бродовите слободно да минуваат низ теснецот, што Техеран го одби.

Наместо тоа, Иран се заканил дека ќе презема мерки против бродови што користат рути надвор од одобрениот коридор долж неговото крајбрежје. Иран, исто така, соопшти дека сака да воведе систем на надоместоци за пловилата што го користат Ормускиот теснец, на што САД се противат.

 

 

 

DW